Достапни линкови

logo-print

Мнозинството граѓани сметаат дека Груевски не заслужува реизбор


Премиерот Груевски не заслужува реизбор, а на граѓаните им е поважно да има просперитетна економија, отколку демократски систем на владеење, покажува анкетата на ИРИ.

Премиерот Никола Груевски не треба да биде реизбран, сметаат повеќе од половина од анкетираните, но неговиот рејтинг расте во споредба со летоска, покажува истражувањето на Меѓународниот републикански институт ИРИ). Анкетата покажува и дека граѓаните се несигурни околу спроведувањето на Договорот од Пржино, загрижени се за кревката стабилност во земјата, сметаат и дека институциите не се способни соодветно да се справат со изборните нерегуларности.

Најчесто во вакви истражувања ставот за поддршка или за реизбор на актуелната владејачка структура или на актуелниот премиер е паралелен и се рефлектира во ставот на граѓаните, за тоа дали се подобрува економската ситуација.

На прашањето - Дали премиерот Никола Груевски добро ја врши својата работа за да биде реизбран?, 52 отсто од анкетираните граѓани сметаат дека тој не заслужува реизбор, (во истражувањето во јуни 2015 овој процент бил 55 отсто), а 35 отсто сметаат дека заслужил (во јуни 2015 овој процент бил 32).

„Прашањето е независно, но го оставивме овде во економскиот дел, бидејќи прашањето е независно - „Дали премиерот Никола Груевски доволно добро ја врши својата работа за да заврши со реизбор?“ Најчесто во вакви истражувања ставот за поддршка или за реизбор на актуелната владејачка структура или на актуелниот премиер е паралелен и се рефлектира во ставот на граѓаните, за тоа дали се подобрува економската ситуација, затоа и го поврзавме во оваа презентација со тоа, но прашањето е независно од другите прашања“, вели Илина Мангова која ја води програмата на ИРИ во Македонија.

Голем број граѓани немаат доверба дека одговорните партии ќе ги исполнат своите обврски од договорот од Пржино. На прашањето дали сметаат дека тековните преговори меѓу четирите партии ќе доведат до успешна имплементација сите аспекти на договорот од Пржино, само 33 проценти од испитаниците одговориле „да“, додека 24 проценти рекле „не“.

„Нашата препорака е до политичките лидери, до политичките партии, но и до сите институции да се посветат целосно на имплементација на договорот од Пржино со цел граѓаните на Македонија да имаат доверба во демократскиот систем и во способноста на институцијата да ги вршат своите улоги“, вели Мангова.

Луѓето имаат поделени ставови и за тоа дали специјалната обвинителка Катица Јанева, ќе може независно да спроведе истрага, 33 проценти од испитаниците велат дека тоа ќе може да го направи без притисоци и независно, додека 28 проценти одговориле со не.

Но, настрана политиката, луѓето се најзагрижени за парчето леб, односно како најгорливи проблеми ги посочуваат невработеноста, сиромаштијата, доцнењето на платите. И ако треба да бираат меѓу демократски систем на владеење или просперитетна економија, тие би ја избрале економијата. Поголем дел од анкетираните се на став дека прислушувале странски служби, но сметаат дека разговорите влијаеле на промена на нивниот став за функционерите.

ИРИ од 29 септември до 5 октомври ги испитувале, покрај за договорот од Пржино, изборите, прислушувањето, економијата, и за судството и корупцијата, медиумите, поддршката за ЕУ и НАТО, бегалската криза, климатските промени, медиумите.

Анкетата е спроведена теренски од агенцијата за истражување Брима, а се анкетирани 1106 граѓани.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG