Достапни линкови

Кој има пари за казна може да известува како сака за изборите


Илустрација.

Илустрација.

Изборниот законик предвидува казни до осум илјади евра за медиумите кои нема да известуваат рамноправно, балансирано и професионално за изборните активности.

Измените на Изборниот законик во делот на медиумите им даваат рамноправен пристап на политичките партии до медиумите и до рекламите по еднакви цени и ги зголемуваат казните за оние кои нема да го почитуваат законот, но не се гаранција дека тоа не може и нема да се злоупотребува, велат експертите од медиумската област.

Не значи дека ако се даде еднакво време и за власта и за опозицијата, тие ќе бидат претставни на правичен и избалансиран начин, а притоа власта се глорифицира, а опозицијата се оцрнува.

Весна Никодиноска од Македонскиот институт за медиуми вели дека е добро што се укинува можноста медиумите да бидат донатори на политичките партии, што се воведува обврска за известување за активностите на вонпарламентарните партии и што и се наметнува обврска на МРТВ да организира дебати. Проблематична, пак, е унифицираноста на казните за прекршителите, што за малите медиуми се превисоки, но за големите национални медиуми се незначителни, вели таа и додава дека дилеми отвора и обврската за балансирано претставување на политичките партии.

„Тоа што сметам дека е важно за да се воспостави суштинско избалансирано и непристрасно медиумско покривање повеќе се однесува во квалитативна смисла, бидејќи балансот е и квалитативна категорија. Не значи дека ако се даде еднакво време и за власта и за опозицијата, тие ќе бидат претставни на правичен и избалансиран начин, а притоа власта се глорифицира, а опозицијата се оцрнува“, вели Никодиноска.

Претседателот на Комисијата за жалби во Советот за етика во медиумите, Мирче Адамчевски, вели дека при спроведувањето на Изборниот законик многу е битна и улогата на Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги, а не само ДИК. Битно е Агенцијата да си ја спроведе својата улога како независно регулаторно тело и да утврди дали медиумите го почитуваат законот, вели тој.

„Казните не се ништо затоа што минатите избори имаше појави некои телевизии свесно да го нарушуваат законот и да ги платат казните, затоа што тој ќе добие од нарачателот на политичката реклама можеби милион евра или 50 или 100 илјади евра, не е битно, меѓутоа со тие пари може да си ја плати казната, така што тие казни воопшто не делуваат врз медиумите да се однесуваат во склад со законот“, вели Адамчевски.

Никодиноска вели дека балансираното и правично претставување во медиумите ќе зависи од политичката волја.

„Суштински треба да се покаже политичка волја и зрелост за да може политичките партии да ги тргнат рацете од медиумите за да може медиумите да известуваат на правичен, избалансиран и професионален начин. Од друга страна, пак, и самите медиуми треба да покажат и храброст, но и професионален интегритет за да се тргнат од стегите на политичките партии и за да може да ја извршуваат својата должност професионално и според високо етички стандарди“, вели Никодиноска.

Казните за медиумите, меѓу кои и интернет порталите, за прекршување на Изборниот законик се до осум илјади евра.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG