Достапни линкови

Дневен печат - тероризам, мигранти, иселувања


Терористичките напади во Париз, затворањето на границите за мигранти, политичките препукувања, иселувањата од источна Македонија, рударите кои ќе останат без работа, дел од топ темите во весниците.

„Франција во шок, Европа на готовс - хорор-камикази ја зацрнија Франција“ - ова е насловот во Утрински за црната ноќ во Париз што ги отсликува речиси сите наслови во дневниот печат кај нас последниве денови. Истиот весник објавува дека „Џихадист од Сирија се крие во Македонија“, повикувајќи се на интервјуто објавено на германската телевизија РТЛ во кое некој „Аднан“ тврди дека се засолнил на Балканот затоа што „овде има голема корупција и полицијата за пари ги крие сомнителните“. Дневник оди со наслов дека „Скопје ќе поминеше полошо од Париз - кумановските терористи со поразорен план од париските“.

Франција во шок, Европа на готовс - хорор-камикази ја зацрнија Франција.
Утрински весник.

Дневник ја пренесува и веста на РТС дека Словенија и Австрија ја информирале Србија дека врз основа на Шенгенскиот договор ќе ги затвореле своите граници за прием на бегалци. Вечер во наслов прашува: „Словенија и Австрија ги затвораат границите за бегалци, што прави Македонија?“

Како главна вест во најновиот број Вечер објавува дека „На Зоран Заев ќе му се суди за примање поткуп од 200.000 евра“, откако судот во Скопје го прифатил обвинението. Во истата вест, Утрински потсетува дека обидот за поткуп токму Заев го објави на партискиот собир во Скопје и дека случајот го пријавил во полиција. „Груевски посакува бомбардирање со идеи“ - вака гласи насловот во Утрински кој информира дека Груевски најавил дека неговата партија ќе ја пишува програмата за изборите во април заедно со народот, преку трибини со граѓаните. Истата вест ја објавува и Вечер, но Утрински ја пренесува и реакцијата на СДСМ: „Граѓаните на Македонија имаат идеја: Збогум Никола“.

Исто така Утрински објавува дека „Од источна Македонија 40.000 луѓе заминаа со бугарски пасош во Европа во последните дестина години“. Слободен печат информира дека 1.000 рудари од „Тораница“ и од „Злетово“ ќе останат на улица затоа што индиската компанија Индоминерали е пред стечај. Весникот го објавува барањето на СДСМ Груевски да одговори зошто од земјава, покрај Џонсон контролс сега си заминува и Индоминерали, односно, странските инвеститори.

Главни вести во Вечер се нападите дека СДСМ „Со антидржавното однесување води кон втор Рамковен договор и федерализација на Македонија“ - како што пишува. Слободен печат обелоденува дека договорот за анализа на Рамковниот и за федерализација на Македонија со Институтот на Питер Фејт е „Платен проект на Владата на РМ за 200.000 евра народни пари“. Го нарачал вицепремиерот Муса Џафери, а го одобрил премиерот Груевски.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG