Достапни линкови

Дали по Париз сириската војна стана и европска?


Дали по Париз сириската војна стана и европска?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:46 0:00

Дали по Париз сириската војна стана и европска?

Она што почна како далечна граѓанска војна во Сирија со опозиција која сака да го собори претседателот Башар ал Асад, се чини дека прераснува во европска. Координираните напади во Париз во кои загинаа над 130 луѓе беа први самоубиствени бомбашки операции во Франција и дојдоа во време кога Европа е поделена и ранлива.

Сирискиот претседател Асад се уште се држи на власт, а четири ипол годишниот конфликт ја претвори Сирија во пропадната држава и во засолниште на милитантите на Исламската држава кои се клучен фактор за егзодусот на мигрантите во Европа и кои ја користат Сирија за база за организирање напади на европско тло.

Ананд Менон, професор за европска политика во Кралскиот колеџ во Лондон, за новинската агенција Асошиетед прес, вели дека милитантите на Исламската држава напаѓаат во време на финансиска криза во Европската унија, на руската интервенција во Украина и на британскиот обид да ги редефинира односите со Унијата.

Освен тоа Европјаните се поделени и околу прашањето дали треба да прифаќаат бегалци од Блискиот Исток.

Европа мина долго време од Студената војна мислејќи дека живее во безбеден свет. Сега таа се најде во средината на неверојатно опасно соседство.
Робин Ниблет, директор на Четам хаус.

„Милитантите на Исламската држава туркаат на отворена врата“, вели Менон, додавајќи:

„Ако нивната интенција е да ги поделат Европјаните тоа веќе се случува. Тие велат дека нападите во Париз се поради француската интервенција во Сирија. Тоа ќе има влијание и во Британија и во Германија во врска со нивната употреба на сила. Европа сега е многу кршлива“, вели Менон.

Во Европската унија нема консензус, не само околу употребата на повеќе сила против милитантите, туку и околу справувањето со мигрантскиот бран.

Тоа ја предизвика расправата за продолжување на политиката на отворени граници, што е пак е темелник на европската интеграција.

Најмалку еден од напаѓачите во Париз се чини минал заедно со илјадниците бегалци кои бараат безбедност во Европа.

Масакрот на цивили во петокот ја покажува интенцијата на радикалите за крвопролевања во Европа како што тоа сега е во Сирија и Ирак.

Освен тоа, како што се оценува, екстремистите на Исламската држава користат модерни методи за влез во европските општества. Тие употребуваат социјални медиуми да привлечат нови луѓе.

Од друга страна, нерешената битка за превласт во Сирија ги нагласи тензиите со Русија која го поддржува режимот на Башар ал Асад и која врши воздушни напади не само врз позиции на милитантите на Исламската држава туку и врз сириските бунтовници.

И Русија почна да ја плаќа цената во цивили кога, руски авион по се изгледа беше терористичка цел при што над Египет загинаа 244 луѓе.

Нападите во Париз по се изгледа ќе ги интензивираат повиците за не прифаќање на бегалците, како и за пораст на антимуслиманските чувства, што пак ќе доведе до поголема политичка поларизација во Европа.

Иако Париз е оној што најмногу ги почувствува последиците од Сирија, станува збор за повик за будење на цела Европа.

„Европа мина долго време од Студената војна мислејќи дека живее во безбеден свет“, вели Робин Ниблет, директор на Четам хаус, додавајќи:

„Сега таа се најде во средината на неверојатно опасно соседство“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG