Достапни линкови

„Улични свирачи“ на скулпторот Костов на изложба во Белград


„Улични свирачи“ е насловена изложбата на македонскиот уметник Владо Костов, што од 17 ноември до 1 декември, ќе се одржи во Галеријата 212 во Белград. Постановката содржи скулптури направени од отпадни материјали во текот на оваа и минатата година, а новиот циклус е инспириран од неговата средба со десетгодишната талентирана Јована која, откако институциите останале неми, свирејќи виолина на улица „Кнез Михајлова“ се обидува да собере средства за нов инструмент со кој би го продолжила натамошното школување.

По само една година од изложбата „Save The Earth“ во Галеријата УЛУС на која ги претстави своите дела настанати во периодот од 2008 до 2014, македонскиот уметник Владо Костов повторно излага во Белград, соседна Србија. Овојпат, од 17 ноември до 1 декември, во Галерија 212, го претставува својот нов циклус „Улични свирачи“. Циклусот е инспириран од неговата средба со десетгодишната талентирана Јована која, откако институциите останале неми, свирејќи класика на својата виолина на улица „Кнез Михајлова“ се обидува да собере средства за нов инструмент со кој би го продолжила натамошното школување.

Некој ги отфрла старите предмети, а јас ги употребувам и им давам некаков втор живот. Тоа е основата на целата моја работа. Не работам со ништо ново. На веќе искористените и потрошени метални предмети како творец им наоѓам место во моите скулптури.

„Девојчево неколку пати го имам видено како свири, но никогаш сум немал толку време за да следам што се случува таму. Згора на тоа јас не сум некој експерт за да оценам колку е тоа талентирано или не. Меѓутоа после тоа прочитав во весник дека Јована собрала пари на улица и дека потем отишла на некој меѓународен натпревар во Верона, Италија и дека таму освоила прва награда. И тоа мене ме поттикна за да се зафатам со оваа изложба. Некако ми даде сила. Си велам: Еј, девојче од 10 години собира пари на улица, оди во белиот свет и таму ги победува сите. Тоа беше основата, а потоа се сретнав со мајка и кога видов дека таа е невработен магистер по музиколошки науки се воодушевив од нивната храброст и едноставно морав како уметник да сторам нешто“, вели Костов.

Тој дополнува дека неговата порака во последниве две-три години, што значи и на овие две изложби, е „Спасете го Светот, спасете ја уметноста!“. Истакнува дека од старо железо, од работи кои што некој ги отфрла, со рециклажа тој прави уметност.

„Некој ги отфрла старите предмети, а јас ги употребувам и им давам некаков втор живот. Тоа е основата на целата моја работа. Не работам со ништо ново. На веќе искористените и потрошени метални предмети како творец им наоѓам место во моите скулптури.“

Говорејќи за своите уметнички заложби Костов знае да каже дека својот оригинален израз првично го претставил во 2005 година со скулптурата со која што го изразил сензибилитетот и изведувачката моќ на еден од гигантите на џезот – големиот сакасафонист Чарли Паркер. Со неа зел учество во мултимедијалниот проект инициран од режисерот, кантавтор и пијанист Алјоша Симјановски, по што низ целото негово творештво во изминатава декада постојано се присутни музичарите. Посебно џезерите.

Вели дека дружбата со нив, со Данаил Дарковски од „До-ре-ми“ ( композитор и некогашен басист на групите „Пу“, „Лева патика“, „Чуден крој“, „Јаков“...автор на класиката Шила што ја отпеа Маја Оџаклиевска), Никола Димушевски ( ЛЕБ И СОЛ), Симјановски...е неговата врска со музиката.

„Оваа година се насочив кон уличните музичари затоа што тие си имаат некоја своја приказна. Пробав да го доловам тој израз на луѓе кои дошле до таму свирејќи на улица да заработуваат за живот. Во каталозите стои еден гитариста како покојни Шпиц. Можеби скулптурата не личи толку многу на него, но се обидувам преку неа да им се одолжам на нашиве македонски улични свирачи. Ние до скоро не сме имале толку многу улични свирачи, но Шпица да речам беше еден од најпознатите. Најистрајните.“

Роден 1967 година во Скопје, Владо Костов Ваце дипломирал на Факултетот за применета уметност „Лазар Личеноски“.Својот уметничи поглед го формирал под влијание на познатиот македонски сликар Димитар Манев. Од 1987 до 1989 година живеел во Лондон, каде што работел како карикатурист соработник во студио за анимација и карикатури “Holivud Road Film Production“. Живее и работи во родниот град, а досега се претставувал на повеќе самостојни и групни изложби.

Инаку, по Белград, Костов „Улични свирачи“ ќе ја претстави во Нови Сад, потем најверојатно и во Ниш, по што не е исклучено ако некоја галерија пројави интерес да ја види и македонската публика.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG