Достапни линкови

Франција вети уништување на милитантите на ИД


Франција изведе најголеми воздушни напади врз позиции на милитантите на Исламската држава во градот Рака во Сирија. Во меѓувреме продолжува потрагата по човекот за кој се смета дека помогнал во организирањето на терористичките напади во Париз кога загинаа над 130 луѓе, а 350 беа ранети.

Француското министерство за одбрана соопшти дека десет француски авиони фрлиле 20 бомби во Рака, уништувајќи арсенал за оружје и центар за обука на милитантите.

Францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус, говорејќи на маргините на самитот на Г20 во Турција, изјави дека Франција дејствувала во самоодбрана.

Авионите полетале од Јордан и од Обединетите Арапски Емирати, а акцијата била изведена во координација со американските сили.

​Франција веќе неколку месеци ги бомбардира позициите на милитантите на Исламската држава во Ирак и Сирија како дел од сојузничката операција предводена од Соединетите Држави.

Нападите во Париз ја зголемија решеноста на светските лидери за елиминирање на милтантите на Исламската држава.

По петочниот маскар во Париз, француските власти ветија уништување на оваа терористичка група, а најновите напади беа најинтензивни досега.

Во меѓувреме полицијата во Европа ја прошири истрагата во врска со координираните напади во Париз.

За овие напади во кои загинаа над 130 луѓе, додека над 350 беа ранети одговорноста ја презеде терористичката група Исламска држава.

Нападите исто така ги потенцираа несогласувањата околу бегалската криза во Европа и ги интензивираа повиците за блокирање на огромниот бран бегалци и баратели на азил од муслиманските земји.

Истрагата за најголемото злосторство што се случи во Париз од Втората светска војна водеше до Белгија каде што беа уапсени неколку луѓе, но не и Салах Абдесалам, 26 годишен Французинроден во Брисел.

„Нападите во Париз биле подготвувани во странство“, изјави францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев.

Француската полиција верува дека нападите биле помогнати од Абдесалам и неговите браќа. Еден од нив загинал во петокот во Париз.

Идентификувани се уште двајца француски бомбаши самоубијци, додека се уште се чека тоа да биде сторено и за преостанатите четворица напаѓачи.

Кај еден од нив бил пронајден сириски пасош и се наведува оти лицето од Турција, преку Грција и Србија во минатиот месец се упатило на север заедно со мигрантскиот бран.

Тоа ги зголеми барањата за ревизија на мерките на Европската унија во справувањето со мигрантскиот и бегалскиот прилив.

Полска и Словачка цврсто застанаа против планот на Брисел за релоцирање на барателите на азил, наведувајќи дека нападите во Париз ја потенцирале нивната загриженост од муслиманските бегалци.

Тоа исто го побара и баварскиот министер за финансии Маркус Шедер, наведувајќи:

„Деновите на неконтролирана миграција и илегално влегување не можат да продолжат како и досега. Париз смени се“, рече тој.

Од друга страна, нападите во Париз ја зголемија решеноста на светските лидери за елиминирање на милтантите на Исламската држава.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG