Достапни линкови

Сложувалка на Хип хоп Македонија премиерно на Синедејс 2015


„Сложувалка“ е насловен документарецот чија премиера е планирано да се одржи во понеделник, на 16 ноември, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар – Скопје, во рамките на актуелното издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Станува збор за 38-минутен колаж од ставови, искуства и идеи на некои од клучните актери на домашната хип хоп сцена зад чија реализација стои колективот Хип хоп Македонија.

Додека „Сложувалка“ сè уште постоеше како идеја, но и сè до самиот крај на монтажата, се прашувавме што сакаме таа да претставува. Дали да биде тоа класичен хип хоп филм кој ќе говори за историјата на македонскиот хип хоп? Да се посветиме ли само на уметничкиот дел од културата? Што е дозволено да се стави во еден документарен филм за хип хоп? Дали сакаме тоа, на крајот, да биде „документарец“?

Кога се прави нешто од љубов, а не за пари, тогаш несомнено може да се најде и простор и време и начин тоа да се стори онака како што треба.

Ова се прашањата што во процесот од идеја до креација на „Сложувалка“ си ги поставувале неговите автори – членовите на колективот Хип хоп Македонија. И, притоа во едно биле сигурни – дека најдобрите одговори можат да ги дадат актерите на домашната хип хоп сцена, луѓето како Ицко и ВиЏи (Чиста Околина), Тец (Most Wanted/Ошав Прод.), ДЈ Гоце (САФ), Профо и Човекот Екс (Клан Исток), Против Сите, Хром (графити), Тигаз (ДНС), Тони Зен, GreenOut, Пука Козметика, Брус, Слаткаристика, Џоџо (Стрес), Жиле и Вали, Огнен (битбокс), Зад Аголот, Титаниум, Токсиколози, Авторизација, Дивизија...

Од таму сега, во предвечерието на премиерата на „Сложувалка“, што патем треба да се одржи во понеделник, на 16 ноември, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар – Скопје, во рамките на актуелното издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, едно се сигурни дека всушност не станува збор за „класичен хип хоп документарец“, туку за 38-минутен колаж од ставови, искуства и идеи на личности од македонскиот хип хоп. За дело во кое не е документира историјата на оваа култура, туку се поставуваат прашања и се отвара дискусија за нејзината сегашност, притоа споредувајќи ја со сложувалките кај кои пристигнувањето до целосната слика е процес кој бара трпеливост, интелигенција и креативност.

„Идејата за филмот не дојде само од нас. Дојде од еден балкански хип хоп портал којшто имаше за цел да ја обедини регионалната хип хоп сцена во едно. Требаше да се направи еден документарец кој ќе се промовира во Белград и кој требаше да ги опфати македонската, српската, црногорската, босанската и хрватската хип хоп сцена. Од тоа не излезе ништо, но остана снимениот материјал кој што сакавме да го ставиме во употреба со оглед на тоа дека во филмот се кажани толку добри идеи и толку добри филозофии што е реткост да бидат кажани на друг начин. Се кажа тоа, се сними и на крајот остана варијантата да го промовираме ние самите. Кога се прави нешто од љубов, а не за пари, тогаш несомнено може да се најде и простор и време и начин тоа да се стори онака како што треба“, вели Александар Ковиловски од Хип хоп Македонија.

Тој дополнува дека во процесот на работа на документарецот тргнале од првото правило на хип хопот: нема правила.

„Во хип хопот едно од основните правила е дека ќе го направам тоа затоа што мене ми се допаѓа и на начин на кој мене ми се допаѓа. Не е битно дали ќе му се допадне на другиот бидејќи знам дека ако мене ми се допадне ќе се најде некој којшто ќе го поима како што го поимам јас. Затоа јас искрено се надевам дека ќе се најде некој филмски критичар кој ќе го има во предвид тоа дека филмот е работен со љубов и ќе даде некој искрен и позитивен коментар. Нам, на луѓето кои што го сработивме филмот, ни се допаѓа. Тоа е најбитното. Значи, не го правевме да и се допадне на широката публика туку на оние кои вистински ја сакаат уметноста. Од тоа правило и тргнавме – дека нема правила. Значи нема правила во поставување на одредени нешта се со цел да му се допадне на некој, односно го правиме се со цел да ни се допадне нам како негови творци кои не се грижат за тоа да ги следат некои од востановените правила“, вели тој.

Инаку, говорејќи за хип хопот, Ковиловски вели дека тоа е слободен стил на живот. Дека она што го живеат го ставаат во хип хоп музиката.

„Она за што пее, рецитира или говори во рапот е за животот. Онаков каков што е. Значи ако имаме социјални проблеми, ние зборуваме за социјалните проблеми. Нема потреба од разубавување на стварноста или да се бавиме со нешто што не е дел од нашето живеење. Затоа и нема правила“, вели Ковиловски.

Од друга страна, тој резигнирано знае да забележи дека кога во земјава се зборува за хип хоп културата секогаш се мисли само на рап музиката што подразбира дека тој не и е соодветно претставен на јавноста од медиумите. Од таму, како што вели, целата нивна организација Хип хоп Македонија, во изминатава декада, се обидува да го пренесе хип хоп зборот на еден поинаков начин – преку организирање на трибини, објавување на книги и еве со филм во кој може да се слушнат автентичните говорењата на артистите од домашната сцена.

Конечно, Ковиловски знае да каже дека кога тргнале со снимањето на „Сложувалка“ биле решени да го промовираат секаде каде што ќе им се укаже прилика за тоа. Потенцира дека сè уште сериозно не се зафатиле со тие активности бидејќи сакаат онака како што ним им доликува - ентузијастички да ја одработат неговата македонска премиера. Потем најавува период во кој ќе ги активираат воспоставените контакти со балканските центри, а не ја исклучува ни можноста документарецот да се најде на програмите на светските фестивали кои ја третираат оваа проблематика.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG