Достапни линкови

Попоски – Политичката криза нè закочи


Попоски: Најголем хендикеп е политичката криза
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:50 0:00

Попоски: Најголем хендикеп е политичката криза

Наш интерес треба да биде час поскоро да излеземе од една спирала на внатрешни конфронтации за да им помогнеме на тие кои нè поддржуваат на европскиот фронт да излезат со барања дека е неопходно Македонија да води преговори за да не се повторуваат други кризи во иднина, вели министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за Радио Слободна Европа.

Министре Попоски, тука сте во Прага, на состанок на Вишеградската група со земјите од Западен Балкан. Една од главните теми е формирањето на Фонд за земјите од Западен Балкан. Кој ќе партиципира во тој Фонд, за колкава сума станува збор и како би се распоредувале тие средства?

Идејата е да направиме нешто што веќе го имаат направено во Вишеградската група, за почеток ќе бидат повеќе симболични суми од по неколку десетици илјади евра кои кои ќе ги контрибуираат шесте држави од Западен Балкан кои се кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската унија, ќе се финансираат проекти за прекугранична соработка. Идејата е да покажеме дека имаме постигнато ниво на солидарност, со наши средства да направиме фонд преку кој ќе се финансира подобро поврзување во регионот. Има две придобивки, едната е за нашите граѓани кои ќе можат на некој начин да искористат проекти кои се финансирани повторно од земјите од регионот, а нè поврзуваат, втората е јасен сигнал до Европа дека сме стигнати до нивото на зрелост регионот да го гледаме како заеднички интерес.

Поврзано ли е ова со мигрантската криза?

Не е поврзано со мигрантската криза воопшто и е нешто што го планиравме пред да стане видлива.

Некои земји ги заоструваат контролите на границите поради мигрантската криза. Може ли да се случи бранот мигранти да запре во Македонија или во Србија, нема ли да биде потребен некако дополнителен ангажман, можеби поголема контрола и на нашите граници?

Тоа сигурно е неопходно, пред сè бидејќи е зголемен притисокот во земјите во кои мигранитите сакаат да им бидат дестинација, пред сè Германија, од наша страна ќе се бара многу поголем напор за целосно регистрирање на сите мигранти кои влегуваат во Македонија, што подразбира дека на минимум ќе треба да ги сведеме илегалните премини и да имаме целосно регистрирање на сите влезови.

При презентацијата на извештајот за напредокот на земјите кандидати, еврокомесарот Хан ги пофали Србија и Македонија за справувањето со мигрантската криза, но во делот за Македонија имаше сериозни критики за многу области во македонското општество. За првпат добивме и условена препорака. Не ли е тоа еден вид пораз и за македонската дипломатија?

Не би се согласил со ова, бидејќи мислам дека е точно дека имаме многу поголемо внимание кое е посветено на оценување на областите кои се клучни за членство во Европската унија, пред сè владеење на правото. За нас најголемиот хендикеп и најголемото внимание е предизвикано од внатрешната политичка криза, која се надевам дека сме на пат да ја надминеме со примена на решенијата кои беа договорени меѓу политичките партии.

Да, но овојпат во Извештајот дел станаа и содржините од прислушуваните разговори, земени се предвид. Имаше информации дека биле прислушувани и некои амбасадори. Имаше ли до вас некакви реакции, формални или неформални од амбасадори во Македонија?

Имаше укажувања дека наводно оној кој ги поседувал таквите нелегално стекнати материјали ги споделил со одреден број на дипломати. Ова не би можеле да го третираме надвор од обврските кои произлегуваат од Виенската конвенција, и за дипломатите и за Македонија, но во секој случај ова е многу пошироко досие од тоа за кое имаме правна рамка и за кое имаме институции кои треба да го истражат и да дојдат до заклучоци.

Има информации дека некои влијателни земји-членки на ЕУ, досега силни поддржувачи на Република Македонија, сега некако се воздржани или еве дипломатски да кажеме не се толкави ентузијасти за интеграцијата на Македонија во ЕУ?

Имаше такви шпекулации. Од она што го имаме добиено од разговори со сите земји во ЕУ на различни нивоа, нема такво движење. Ниту една од земјите кои претходно се заложиле не смета дека Македонија не треба да води преговори, но факт е дека е многу потешко да се заложат за отпочнување на преговорите со Македонија во услови во кои ние имавме внатрешни политички проблеми. Наш интерес треба да биде час поскоро да излеземе од една спирала на внатрешни конфронтации за да им помогнеме на тие кои нè поддржуваат на европскиот фронт да излезат со барања дека е неопходно Македонија да води преговори за да не се повторуваат други кризи во иднина.

Кога избувна аферата со прислушувањето и кога имаше антивладини и провладини протести, кумановските настани, имаше неколку остри соопштенија од руското МНР, за прв пат после повеќе години, со доста антизападна конотација. Како ги оценувате тие соопштенија? Не ли е тоа мешање во внатрешните работи на Македонија?

Верувам дека има само еден начин на кој ефикасно можеме да ги надминеме нашите внатрешни политички конфронтации, а тоа е со наши сили и со дијалог внатре во земјата. Од надвор може да има вакви или такви ставови, едни или други интереси, но мислам дека за нас клучен треба да биде нашиот интерес. Наш интерес е да се интегрираме во НАТО и во ЕУ час поскоро.

Да, стратешки интерес, како што велите, е и членството во НАТО. На Самитот во Букурешт во 2008, Македонија практично доби условена покана, штом ќе го реши спорот за името веднаш ќе стане членка. Поминаа седум години, сега веќе не се ни споменува Македонија, се споменува Црна Гора како најсериозен кандидат. Добивме ли сега дополнителни критериуми, сега и политички, и за членството во НАТО?

Оваа условеност не е променета. Ние имаме еден интерес, а тоа е да ја одбегнеме пречката за нашето зачленување во НАТО и во ЕУ и мислам дека во оној момент во кој ќе треба да носиме одлуки за ова прашање пресудата на Меѓународниот суд на правдата ќе ја одигра својата улога.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG