Достапни линкови

logo-print

ЕУ ќе одржи самит за мигрантите со Турција


ЕУ најави вонреден самит со Турција кон крајот на овој или во почетокот на идниот месец посветен на мигрантската криза. Главна цел е како да и се помогне на таа земја која е најмногу погодена од големиот бран бегалци и која веќе нема пари за нивно сместување и згрижување.

Товарот на бегалската криза почна сè повеќе да се чувствува во Турција, земја која, според некои проценки, поради тоа загубила над 8,5 милијарди долари.

Со оглед на тоа што досега Анкара добила само 400 милиони долари странска помош за бегалците станува јасно дека главната тежина е врз турската економија.

Паркот во центарот на Истанбул е преполн со бегалци од Авганистан.

Откако дома продале сè што поседувале за да избегаат од заканите на талибанците и на милитантите на Исламската држава овие луѓе се заглавени во Турција со малку пари за да го продолжат патот.

Најважно е земјите на Европската унија со нас да го поделат товарот на кризата на фер начин.

Тие велат дека се очајни од тоа што Европа почна да ги затвора вратите за нив пред претстојната зима.

„Ни треба помош. Сакаме да работиме. Што можам друго да правам? Немам веќе пари, но сакам да заминам ако некоја влада ни помогне. Турската влада ни помага. Авганистан е во многу тешка состојба“, вели Касим, бегалец од Авганистан кој веќе два месеца живее во паркот во Истанбул.

Главната турска опозициска партија соопшти земјата во изминативе четири години загубила над осум милијарди долари главно од намалената трговија и туризам што е пак последица од бегалската криза.

„Вистинскиот трошок е оној социјалниот. Трагичните слики на ТВ екраните и донесоа на Турција еден вид социјален товар во однос на човековата димензија“, вели политичкиот аналитичар Седат Ајбар.

Европската унија сака да и даде на Турција околу 3 милијарди и 200 милиони евра за да ги задржи бегалците, но овој предлог не беше добро примен од Турција. Премиерот Ахмед Давутоглу оцени дека сумата не е толку важна.

„Најважно е земјите на Европската унија со нас да го поделат товарот на кризата на фер начин“, изјави тој, додавајќи дека Турција сама ги сноси трошоците, но и последиците од бегалската криза.

Некои европски земји одобрија задолжителни квоти за прифаќање на бегалците, но некои не се согласуваат со тоа. Се чини дека најтешка одлука за 28 членки на Европската унија е онаа за единствен пристап кон оваа криза.

И додека разговорите продолжуваат илјадници бегалци и мигранти живеат во неизвесност. Некои од нив и со жалење поради тоа што се решиле на ваков пат.

„Лично не бев среќен што го напуштив Кабул. Моето семејство, татко ми и мајка ми ми рекоа да заминам поради опасност од талибанците“, вели Касим кој запрашан дали неговите родители жалат за таквата одлука додава:

„Гледано од сегашнава ситуација, тие навистина жалат“.

Огромниот бегалски бран од Блискиот Исток, Централна Азија и Северна Африка кон Европа беше главна тема на вчерашниот состанок на лидерите на Европската унија со нивни колеги од африканските држави во Ла Валета на Малта.

Тој ќе доминира и на претстојниот самит на Г20 што на 15 и 16 овој месец ќе се одржи во Анталија во Турција.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG