Достапни линкови

Помал економски раст од претходно планираното


Економијата годинава ќе порасне за 3,2 отсто, наместо претходно планираните 4,1 отсто, соопшти Народната банка.

Македонската економија годинава ќе оствари раст од 3,2 проценти, наместо 4,1 отсто според априлските проценки, објави Народната банка на Република Македонија. Но, и покрај надолната ревизија на растот, и понатаму се очекува солидно закрепнување на економијата.

Оваа година беше со доста предизвици, имавме два силни шока, нашата економија покажа дека има здрави фундаменти и се покажа доста отпорна. Значи и во такви услови растот ќе изнесува на ниво слично на минатата година.
Димитар Богов, гувернер на НБРМ.

Гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, денеска ја презентираше ревизијата на макроекономските проекции за оваа година, истакнувајќи дека во 2016 година економијата се очекува да достигне раст од 3,5 отсто, а во 2017 година - 4 отсто.

„Оваа година беше со доста предизвици, имавме два силни шока, нашата економија покажа дека има здрави фундаменти и се покажа доста отпорна. Значи и во такви услови растот ќе изнесува на ниво слично на минатата година. Значи, очекуваме оваа година да завршиме со 3,2 проценти економски раст. Наредните две години тој ќе забрзува на 3,5 и 4 проценти“, рече Богов.

Тој објасни дека негативните ризици околу проекциите се исто така понагласени, особено кај надворешно опкружување и дека оваа година во светот ќе има одреден застој на економскиот раст, главно поради економиите во подем. Богов рече дека Народната банка има и надолна корекција на проекцијата на инфлацијата која за годинава се проценува на околу нула проценти, а истакна дека има поволни движења на тековната сметка на билансот на плаќања.

„Во ваква ситуација имаме исклучително поволни движења во тековната сметка на платниот биланс и таа е далеку над нашите очекувања. Во оваа година најверојатно ќе завршиме со дефицит во тековната сметка на платниот биланс од половина процентен поен. Тоа е еден од најниските дефицити коишто ги имаме во последните 10 години и најголемиот придонес кон ваквиот резултат имаат новите извозни капацитети, а во оваа година го имаме и влијанието од ниската цена на нафтата“, вели Богов.

Тој додаде дека во вакви односи на тековната и финансиската сметка, девизните резерви ќе останат во сигурна зона и се очекува да се зголемат во наредните години. Но, истакна дека двата шока во 2015 година имале доста силно влијание врз движењата на депозитите и врз кредитите во банките со што Народната банка за наредниот период планира мерка со која ќе ги поттикнува банките да ги намалат потрошувачките кредити, а да зголемат растот на кредитите за компаниите.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG