Достапни линкови

Универзумот на Мехмети, Старова и Амдиу во МЦ во Њујорк


„Универзумот како алузија за интегритетот“ е насловена изложбата на уметниците Шќипе Мехмети, Дита Старова-Ќерими и Зарие Амдиу, која оваа сабота, на 14 ноември ќе биде отворена во галеријата на Македонскиот центар во Њујорк. Тие ќе се претстават со по 15 дела создадени во комбинирана техника и еден заеднички триптих преку кои ги разоткриваат сопствените визуелно – естетски стремежи.

Три уметници, две ликовни подрачја и само една техника. Слична тематика и една заедничка порака. Ова се клучните зборови за творештвото на трите авторки, која се движи од лирската апстракција кон се поголемо продлабочување во апстрактниот колоризам. Сликите на Зарие Амдиу и Дита Старова Ќерими, и графиките на Шќипе Мехмети, создадени во комбинирана техника, преку просторно -временскиот рез ги разоткриваат нивните визуелно – естетски стремежи.

Првичната идеја за заедничка изложба е моја, но не требаше многу за да ја прифатат моите колешки и силно да се вложат во нејзината реализација. Сето тоа е плод на сличноста на нашите творечки ракописи.

Истовремено, начнуват прашања околу припадноста и спознавањето, но и ја предизвикуваат желбата за издвојување на непознатото од исчекувањето, имагинарното од сонот, недопреното од неиспробаното. За да стигнат до колоритните ракурси на соживотот на зачетокот и постојаното.

Ова меѓу другото ќе го забележи Миџаит Положани, во својот текст во пресрет на заедничката изложба „Универзумот како алузија за интегритетот“ на уметниците Шќипе Мехмети, Дита Старова Ќерими и Зарие Амдиу што, од 14 до 24 ноември, ќе се одржи во Галеријата на Македонскиот центар во Њујорк.

На оваа постановка тие ќе се претстават со по 15 дела создадени во комбинирана техника.

„Првичната идеја за заедничка изложба е моја, но не требаше многу за да ја прифатат моите колешки и силно да се вложат во нејзината реализација. Сето тоа е плод на сличноста на нашите творечки ракописи. И, кога веќе решивме заеднички да застанеме зад проектот не дојдовме лесно до неговиот финален наслов. Првично, во процесот на работа го именувавме како „Колоритна метафора на бескрајот“, за да потем пред патувањето биде преиначен во „Универзумот како обединувачка алузија“. Едноставно знаевме дека темата ќе биде тоа и во тие рамки ќе твориме, ќе создаваме дела. Така и направвивме“, истакнува Шќипе Мехмети.

Дита Старова-Ќерими, пак, вели дека основно за нив во процесот на творењето било користењето на колоритот. Појаснува дека се работи за апстракни слики и за унифицирани формати ( 50 х 70) само за оваа изложба, но она што особено е значајно за постановката е заедничкиот триптих.

„Старо е правилотот дека сликарките, уметниците се емотивни личности. Токму во овој контекст ние преку нашето творештво одговараме на некои прашања кои што се внатрешно и надворешно наметнати. Нашиот заеднички одговор е преку употребата на бојата. А, тритихот ни беше мотив да прикажеме дека без разлика на тоа што ние сме сепак различни, самосвојни во својата уметност, уметноста е таа што не подредува во еден формат и можеме да бидеме блиски. Да креираме во еден одреден формат и да го пренесеме нашиот сензибилитет преку бојата.“

Мехмети, пак, дополнува дека тие едноставно и не се труделе да избегаат од она што е нивна творечка специфика.

„Не можеш да избегаш од она што е твое и е твој препознатлив ракопис. Додека ги создававме делата гледавме на некој начин да бидат слични и да се прилагодиме една на друга, но сега останува да кажат публиката и стручната критика колку сме успеале во тоа. Ете јас како графичар и цртач полинеарно сум се изразила. Моите графики и цртежи го имаат тој мој сензибилитет. Дита го прави тоа поразлично, а и Зарие. Значи препознатливи сме по заеничката работа, но многу повеќе по нашиот специфичен отисок во делата.“

Таа знаа да каже дека освен задоволството од претставувањето пред ликовната публика во Њујорк и не очекува ништо посебно од оваа изложба во Галеријата на Македонскиот центар, дека станува збор за проект кој е исто толку важен како и оние што досега ги имале, но за разлика од неа Дита Старова Ќерими е убедена дека и самиот факт што тие со својата уметност патуваат во САД е доказ дека се стремат кон делување надвор од постојните географски рамки.

„Тоа за нас отвора многу можности и позначајни хоризонти кои ние најверојатно ќе ги осознаеме дури по завршувањето на постановката. Дури тогаш ќе видиме каде сме и што добивме од нашата заедничка изложба во Њујорк. Она што во овој момент е важно што таа ни беше еден вид порив за да се ангажираме, а верувам дека резултатите дополнително ќе дојдат.“

Кон ова само уште информацијата дека несомнено, по Њујорк, „Универзумот како алузија за интегритетот“ на уметниците Мехмети, Старова - Ќерими и Амдиу ќе ја види и македонската публика, по што таа најверојатно ќе го продолжи своето патешествие во државите од регионот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG