Достапни линкови

logo-print

Новите министри и заменици министри во предизборната влада, извештајот на ЕУ за Македонија и пукањето во хирургот во државна болница, топ теми во весниците.

„Груевски и Заев заиграа танго - тројца нови министри во предизборната Влада“, излезе Утрински со наслов информирајќи за седницата на Собранието на која, според договорот од Пржино, беа избрани Оливер Спасовски како министер за полиција и Фросина Ременски како министерка за труд и социјала, заедно со замениците во пет ресори, истотака од СДСМ.

Груевски и Заев заиграа танго - тројца нови министри во предизборната Влада.

„Заев: Од април ќе бидам премиер, а не градоначалник“ го цитира весникот лидерот на партијата. Вечер на насловната, под фотографијата на пратениците на СДСМ со Заев и Шеќеринска пред Собранието, објави: „За ова се бореа, да ја упропастат цела држава - СДСМ без избори влезе во Владата, а Заев се самопрогласи за премиер“.

Дневник ги пренесува зборовите на вицепремиерот Пешевски, како одговор на изјавата на лидерот на СДСМ: „Ако Заев е толку уверен, уште сега нека ја напушти градоначалничката функција“.

ЕК конечно го објави одложуваниот извештај за напредокот на Македонија, но кој според евроамбасадорот во земјава Орав, е само условен извештај без додатокот за прогрес, како што нотира Утрински. „Македонија ќе ја заслужи седмата препорака за преговори дури откако ќе го исполни договорот од Пржино и ќе одржи фер и европски избори“ - ги пренесува истиот весник зборовите на Хан.

Нова Македонија информира: „Препораката условена, спорот со Грција да се реши итно“. Изјавата на Груевски пред Аиво Орав дека „Народот е тој што последен одлучува“ и на Милошоски дека „Извештајот е пораз на политиките на СДСМ“ се најдоа на насловната страница на Вечер, кој не објавува дека извештајот овој пат е условен. Весникот, од изјавата на министерот Фатмир Бесими вади наслов: „Треба да стартуваат преговорите со Брисел“. „Условената препорака значи уште повеќе работа и фокус на реформите“ - го цитира Утрински Бесими. Утрински ја пренесува и оценката на Ермира Мехмети: „Да бев премиер и да добиев ваков извештај ќе поднесев оставка“.

Слободен печат, подбивно, на насловната, покрај стадо овци и еден овчар со ликот на Груевски двосмислено ги цитира неговите зборови: „Ова е твоја земја, ти одлучуваш - Народот ќе каже каков е извештајот“. Дневник насловува: „Јоханес Хан ни испрати видео“, а за весникот е најважно тоа што „Македонија и годинава е ʼвашата земјаʻ“.

За ситуацијата по пукањето во хирургот во државна болница, Утрински со единствен наслов: „Башибозук на Клинички центар - докторот спасен, здравството рането“. Вечер предупредува дека „Грчките власти во следните 48 часа подготвуваат масовни транспорти на бегалци во земјава - ЕУ врши притисок Македонија да вдоми 20 илјади мигранти“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG