Достапни линкови

Во Охрид се дише


Галичица.

Галичица.

Високиот процент на аерозагадување може да предизвика воспаление на дишните патишта, дури и кај здравите лица. За разлика од Тетово и Скопје, Охрид е идеално место за дишење чист воздух.

Сериозно загрижувачки е податокот дека Тетово и Скопје се меѓу најзагадените градови во светот велат лекарите. Според алергологот Дејан Докиќ високиот процент на аерозагадување може да предизвика воспаление на дишните патишта, дури и кај здравите лица, кое понатака се манифестира во почести вирусни инфекции. Тоа се, вели тој, непосредните штетни влијанија од аерозагадувањето, но има и одложени, кои после голем број на години се манифестираат во форма на карцином на белите дробови или некои други потешки заболувања. Затоа, вели Докиќ, треба да се има сериозен пристап кон овој проблем.

Веројатно недоволни се мерките кои се преземаат, не знам дали се преземаат. Сите тие заедно придонесуваат за вака огромниот број на ПМ честички во воздухот.

„Има два пристапа. Прво ако може треба да се намали емисијата на гасовите и на производителите на вакви честички. Постојат различни мерки и мислам дека Министерството е способно тоа да го организира и во соработка со другите министерства да се намали емисијата и да се стават одредени филтри. Од друга страна да се регулира сообраќајот во поголемите градови бидејќи тој исто така придонесува за поголемата концентрацијата на честичките“, вели Докиќ.

Тој смета дека причина за тоа веројатно се недоволните мерки кои се преземаат, но и неповолните климатски фактори.

„Веројатно недоволни се мерките кои се преземаат, не знам дали се преземаат. Сите тие заедно придонесуваат за вака огромниот број на ПМ честички во воздухот. Треба да се вага што значи затворање на тие објекти во однос на вработувањата и во однос на тоа дека одреден број семејства ќе останат без приход и од друга страна здравјето на сите луѓе. Едно решение би било ставање на филтри и со тоа да се задржат местата на вработените и да се прочисти воздухот“, рече Докиќ.

За разлика од Тетово и Скопје, Охрид е идеално место за дишење чист воздух. Причина е Охридското Езеро, но и близината на планината Галичица. Лидија Симоноска од Центарот за јавно здравје од Охрид вели дека воздухот во Охрид бил чист и е во границите на нормалата.

„И минатиот месец и сега 50, 10 е средна вредност, минимална вредност е 38,21, а максимална вредност е 66,37 милиграми на метар квадратен на ден. Максимално дозволената концентрација на вкупниот остаток на аероседимент е 300 милиграми метри квадратни на ден.. До 300 милиграми има многу голема разлика со нашите вредности“, вели Симоноска.

Екологистите предупредуваат дека планината Галичица кај Охрид мора да се заштити од негативните влијанија на климатските промени.

„Шумските зелени појаси од Галичица треба да се заштитат, бидејќи оваа планина е од исклучително значење за опстанокот на Охридското и Преспанското Езеро. Во тој контекст неминовно е идните неколку години денот на дрвото, односно пошумувањето во сливното подрачје на Охридското и Преспанското Езеро да биде помасовно и добро организирано во пределот на Галичица“, рече Лазо Наумоски екологист од Охрид.

XS
SM
MD
LG