Достапни линкови

logo-print

СДСМ официјално во Владата


Според СДСМ, МВР веќе нема да биде ВМРО-МВРО, додека владејачкото мнозинство предупреди дека нема да дозволи штетни блокади и кочења во министерствата што ги доби СДСМ.

Очекувам новите министри и заменици министри да бидат фокусирани на изборниот процес и да не ги кочат проектите на владата, рече премиерот Никола Груевски во кусото обраќање на денешната собраниска седница на која тој ги предложи, а пратениците ги избраа новите министри и заменици министри според Договорот од Пржино.

Ќе продолжам будно да го следам секој чекор на работењето на владата, на секој министер, на секој заменик-министер, да соработувам со нив во интерес на граѓаните и на државата, но и да реагирам во случај на прекршување на законите или што било што е несвојствено или неодговорно однесување.

„Ќе продолжам будно да го следам секој чекор на работењето на владата, на секој министер, на секој заменик-министер, да соработувам со нив во интерес на граѓаните и на државата, но и да реагирам во случај на прекршување на законите или што било што е несвојствено или неодговорно однесување“, рече Груевски.

Од денеска нови министри за внатрешни работи и за труд и социјала се Оливер Спасовски и Фросина Ременски од СДСМ, Марта Томовска Арсовска во Министерството за информатичко општество и администрација по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, а заменици опозицијата доби и во финансии, администрација и земјоделство.

Координаторите на пратеничките групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Горан Сугаревски и Илија Димовски, пак, имаат спротиставени ставови за тоа што значело денешното назначување на новите министри.

„Преку институциите ќе гарантираме дека МВР ќе работи за сите граѓани, а нема да функционира по принципот МВР-ВМРО. Ќе гарантираме дека граѓаните нема да бидат уценувани со социјална помош и субвенции во земјоделството“, рече Сугаревски.

„Нема да дозволиме како парламентарно мнозинство злоупотреба на институциите заради партиски и политички интереси, но нема да дозволиме ниту штетни блокади и кочења на штета на граѓаните на Република Македонија и на штета на државата“, рече Димовски.

Инаку, по предлог на СДСМ се и замениците Кире Наумов, Александар Кирацовски и Љупчо Николовски. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, за дополнителни заменици ги предложија досегашните министри Митко Чавков и Диме Спасов, а на местото на Томовска Арсовска која досега беше заменик во администрација и информатичко општество доаѓа 26 годишниот Тимчо Муцунски, асистент од правен факултет.

Откако по одолговлекувањата падна договор меѓу лидерите, собранието работи со полна пареа, па за неколку часа ги изгласа и измените и законите поврзани со приватноста, со укажувачите, владата, изборните измени и одлуката за основање на анкетната комисија за прислушувањето.

Според професор Никола Дујоски, министрите, замениците и законите на хартија се добра основа, но кај нас, како што вели, секогаш е проблем нивното спроведување во пракса.

„Овој пат силно очекувам дека новиот состав на владата, особено новите министри и замениците министри предложени од опозицијата ќе бидат гаранти токму на тоа, дека следната година ќе имаме фер и демократски избори. Патот дотаму е сè уште многу долг, меѓутоа добро е што се трасира на ваков начин. Иако политичка волја можеби засега нема од сите страни, очекувам, како што ќе поминува времето, така сè појасно да станува дека механизмите што се градат и правилата што се утврдуваат ќе ја одведат Македонија во еден изборен период за кој сите ќе кажат дека во земјава се спровеле фер и демократски избори“, вели Дујоски.

Од предвиденото во јунскиот и јулскиот документ од Пржино останува да се договорат измените поврзани со медиумите, а подоцна и уште една крупна измена во владата - повлекување на Груевски од премиерското место и именувањето на нов претседател на влада по предлог на ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG