Достапни линкови

Заплашување, малтретирање и смртни закани кон новинари, генерална клима на самоцензура, прислушување на новинарите се само дел од забелешките наведени во Извештајот на Европската комисија.

Медиумите и слободата на изразувањето и оваа година се ниско оценети од страна на Европската комисија во Извештајот за напредокот на Македонија во текот на 2015 година. Оваа област останува сериозен предизвик во земјата во сегашната медиумска култура и политичка клима, се вели во Извештајот, а земјата во текот на минатата година продолжила да назадува. Наведени се пријавите за заплашување, малтретирање и смртни закани кон новинари. Новинарите продолжуваат да пријавуваат генерална клима на самоцензура. Објавувањето на прислушуваните разговори потврдило дека новинарите повеќе години биле незаконски прислушувани, се вели во Извештајот.

Она што може во меѓувреме да се направи е политичките елити да ги послушаат медиумските организации и новинарските здруженија.

Новинарот Ерол Ризаов, уредник во „Утрински весник“, коментира дека оваа година во Извештајот е наведено најголемото заостанување во сферата на медиумските слободи откако земјата ги прима оценките од Комисијата. Тој вели дека назадувањето е резултат на комплетната клима во Македонија, во услови кога автократското владеење не може да сфати што е демократија.

„Таа ситуација е одраз на запрените демократски процеси во Македонија. Новинарството не е само проблем на новинарите и проблем на Владата, тоа е воопшто целиот амбиент создаден во земјата, многу уназаден и тешко ќе биде ако практично не дојде до промена на власта. Промената на власта е најздравата работа на демократијата. Во таков случај ние ќе можеме да направиме чекор или два напред, се разбира ако наследниците што ќе дојдат на власт веќе ја сфатат главната порака, и во економијата и во политиката и во културата, а тоа е дека без демократија нема развој. Лажни се претставите за големите успеси ако немате демократија“, вели Ризаов.

Во Извештајот како итни приоритетни реформи за решавањето на недостатоците во оваа област е наведено дека земјата особено треба да обезбеди целосна транспарентност на владините реклами, да развие механизам за неплатени јавни огласи, на политичко ниво да се спроведе воздржаност од страна на политичарите и јавните службеници да прибегнуваат кон клевета, да се обезбеди јавноста да има пристап до објективно и точно известување и до разновидни гледишта преку мејнстрим медиумите, особено на јавниот радиодифузен сервис.

Проблемите со кои се соочуваат македонските медиуми во изминатите години се прецизно наведени во Извештајот, ние ги чувствуваме и не треба некој од надвор да ни каже дека има самоцензура, медиумска манипулација и наместо вести дека слушаме пропаганда од политичките елити, вели Жанета Трајковска од Високата школа за новинарство и односи со јавноста.

„Она што може во меѓувреме да се направи е политичките елити да ги послушаат медиумските организации и новинарските здруженија, оние кои се критичари на она што низ се случува во нашето секојдневие, предлозите на ЗНМ и сите други кои сме ги кажале во однос на департизација на јавниот радиодифузер, во однос на луѓево во Агенцијата за медиуми, во однос на контролата на содржината во приватните медиуми, да почне на некаков начин да функционира. Но, она што мене ме плаши, во наредниот период пред избори може да се случи само еден обичен политички договор помеѓу политичките елити во коишто новинарите повторно ќе останат на ниво на неслушната страна и ние само ќе ги подобриме работите на хартија, но не во суштината“, вели Трајковска.

Таа додава дека поради процесите на самоцензура коишто траат со години, ќе биде потребно долго време за враќање кон нормално професионално известување и според неа првите чекори се да се департизираат институциите за медиумите, пред сè јавниот радиодифузен сервис.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG