Достапни линкови

Новите министри ќе можат да менуваат раководни кадри


Замениците министри ќе имаат право на вето само за прашањата поврзани со изборите, а изборен период ќе се смета од денот на распишување на изборите, велат во СДСМ.

1. Ингеренции на министрите и замениците министри

Новиот министер во Министерството за внатрешни работи ќе има ингеренции за разрешување и наименување на раководни кадри, а дополнителниот заменик, назначен по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, ќе може да става вето само за изборни прашања, брифираат денеска од опозицијата.

Министерот ќе може да разрешува и именува раководни кадри, а замениците ќе предлагаат нивни заменици кои треба да ги одобри министерот.

Истите извори велат и дека со законот за влада, кој до раните утрински часови го усогласуваа партиите, се предвидувало замениците министри да имаат право на вето само за прашањата поврзани со изборите, а изборен период ќе се сметал од денот на распишување на изборите. Ако за некое друго прашање надвор од овој период постоело несогласување, дали е поврзано со изборите, надлежна да одлучи ќе биде Државната изборна комисија која ќе треба да се изјасни во рок од 24 часа.

Министерот ќе може да разрешува и именува раководни кадри, а замениците ќе предлагаат нивни заменици кои треба да ги одобри министерот. Раководните кадри и нивните заменици ќе имаат врзан потпис од денот на стапување на законот во сила. Новиот министер ќе има и пристап до работата на Управата за безбедност и контраразузнавање.

2. Законот за „бомби“ и „свиркачи“

Во однос на законот за т.н. бомби, сега именуван како закон за заштита на приватноста загарантирана со Уставот и со Европската конвенција за човекови права, од опозицијата велат дека се однесувал само на нелегално прислушуваните материјали од 2008 до 2015 година и предвидува да не се објавуваат приватни разговори на лица кои не се на јавна функцција. Казна затвор од една од пет години може да има за оној кој го обезбедил прислушувањето, а медиумите ќе се казнуваат со парична казна, но не новинарот или уредникот, туку правното лице. Овој закон ќе стапи во сила шест месеци по донесувањето, а во меѓувреме ќе се чека и мислењето на Венецијанската комисија кое партиите се договориле да го имплементираат во законот најдоцна во рок од пет дена.

Законот за „свиркачите“ или како што се именувани во сегашниот документ „укажувачите“, од опозицијата велат дека предвидувал заштита за лицата кои посочуваат нелегални дејствија во институции, но и во приватни компании. Укажувачите тоа може да го сторат внатрешно на нивните работни места, во надворешни институции кои имаат ингеренции за нивното укажување и преку јавноста. Тој ќе стапи во сила четири месеци по денот на донесување.

3. Анкетна комисија

Со сериозно задоцнување усогласена е и анкетната комисија за скандалот со прислушувањето. Претседателот и заменик претседателот ќе бидат од СДСМ, осум члена ќе има ВМРО-ДПМНЕ, два ДУИ, еден ДПА и еден независен. Седниците ќе бидат јавни, освен ако не се процени дека на сведокот кој е викнат ќе му се загрози некое право.

4. ДИК

Претседател на Државната изборна комисија, како што брифираат извори од опозицијата, ќе биде експерт, на комисијата ѝ се доста зголемени ингеренциите, а рокот за избор на нејзините членови тече 15 дена по стапување во сила на законот. Сите договорени документи, се очекува да се најдат во собранието во понеделник.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG