Достапни линкови

Градот убав пак ќе никне...или не?


Ние сме млади, неуморни, свесни скопјани кои можеме да го вратиме шмекот на градот, можеме да престанеме да се сопнуваме на споменици и фонтани, да излегуваме и да се забавуваме во центарот на градот, без потсмев кон кутрите палми на кои им се броени деновите, пишува Симона Туфегџиќ, средношколка во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Во очи празникот на нашето Скопје, шетајќи низ градов, се чудам: Има ли крај? Има ли крај на украсувањето на оваа кутра метропола, која веќе одамна го изгуби својот сјај? Овој град не го гуши само воздухот, туку гипс - картонот, бесконечната бронза која секојдневно никнува насекаде, апсурдната желба за навраќање кон барокот, нешто што историски никогаш не допрело до овие простори. И онака веќе матниот Вардар, уште толку го заматува кичот, а во него се дави зеленилото, се дави автентичноста на убавиот град, се дави духот на Скопје.

Ние еден ден ќе ја кроиме приказната за градов, како што некој некогаш ја втемелил мислата дека Скопје е град на солидарноста. А каков град е Скопје денес? Град на кич, споменици, на копии?!

Возејќи се во автобус налик оние во Лондон, се запрашав: Зошто секогаш НИЕ мора да сме тие кои пресликуваат од некого друг? Француски триумфални порти, англиски тркала, шпански скали... Што ќе нѐ научи сето ова нас младите, кои во нашиот дом растеме покрај безброј копии? Немушто, без автентичност и историски белег?

Отсекогаш ме учеле дека младите се креативното, шареното крило на општеството, оние кои се двигател на слободната мисла, поттикнувачи на отворањето на општествените шаблони. Младината е таа која треба сама да создава свои приказни, затоа што на нас останува оваа земја. Ние еден ден ќе ја кроиме приказната за градов, како што некој некогаш ја втемелил мислата дека Скопје е град на солидарноста. А каков град е Скопје денес? Град на кич, споменици, на копии?!

Во она Скопје во кое се родив и почнав да растам можев слободно да шетам низ градскиот цветен плоштад, да си играм околу дрвјата, да скинам по некое цветче. Скопје тогаш беше ЉУБОВ!

Но, сега, истиот тој плоштад е полн со вода, бронза и мермер. Валкана, грда градба. Дури и по некоја солза ми навира на очиве кога ќе видам дека нашето кревко, но сепак силно Скопје стана птица затворена во кафез, која немо писка за слобода, додека писоците постојано ги голта нечистотијата која се слева во реката. Сонцето кое навидум блеска над збирот од населби, сета негова енергија и топлина ја впива картонот, железото и фонтаните, а кутрото Скопје секој ден сѐ повеќе и повеќе се бори да голтне барем еден зрак од таа светлина. Тоа е нежно како растение на кое му е потребно сонце, а прекриено е со мермер и затворено во ѕидови.

Без оглед на сѐ, ние младите треба да сме тие кои ќе го отклучиме тој кафез и ќе ја пуштиме птицата да се вивне високо кон небото, цврсто да ја прегне слободата и креативноста. Треба да се трудиме да го спасиме растението пред сосема да свене и да се исуши, да му овозможиме да го почувствува сонцето на своја кожа. Сите заедно со нашата младешка сила можеме да бидеме 13ти ноември на денешницата и да ги скршиме железните окови во кои е заробено Скопје.

Ние сме млади, неуморни, свесни скопјани кои можеме да го вратиме шмекот на градот, можеме да престанеме да се сопнуваме на споменици и фонтани, да излегуваме и да се забавуваме во центарот на градот, без потсмев кон кутрите палми на кои им се броени деновите. Можеме да седиме во некое скопско кафуле без барокот да ни биде на тацната од кафето или на шлагот од тортата. Нашата искреност и младост треба да ги поучи сите дека не сакаме домот да ни биде плагијат.

Она што нѐ учат уште во предучилишна возраст е дека треба сами да си ги креираме идеите, да бидеме оригинални, да бидеме свои. Да не бидеме исти како другите. Овие основи на воспитанието би требало да бидат клучот за тоа зошто сакаме да ја зачуваме оригиналноста на македонската метропола. Некој треба да сфати дека Скопје не може да биде ниту Лондон, ниту Париз, ниту Будимпешта, ниту Мадрид. Скопјани не можат да бидат Британци, Французи, Шпанци, а Вардар не може да биде Триглав или Сена. Младешкиот ентузијазам е она кое треба да нѐ поттикне да ја чуваме и сакаме нашата лулка на солидарноста онака како што некој пред нас ја чувал и сакал.

Скопје, радост ти ќе бидеш. Со својот дух и припадност, токму такво какво што си. Всушност, какво што некогаш беше!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG