Достапни линкови

logo-print

НАТО во светот што се менува


Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата е подготвена да ги одбрани нејзините сојузници, но оти е неопходно да се адаптира на светот кој се менува. Тој ова го изјави во Португалија за време на посетата на најголемите воени вежби на НАТО во изминативе десетина години.

Воените вежби се совпаднаа со повикот на лидерите на девет земји од Централна и Источна Европа кои деновиве во заедничка изјава изразија сериозна загриженост за продолжувањето на руското агресивно однесување.

Затоа тие побараа посуштинско и потрајно НАТО присуство во регионот.

Русија го анектира Крим и ги поддржува проруските бунтовници во источна Украина што ги алармира Балтичките и источноевропските земји.

Лидерите на НАТО исто така изразија загриженост за растечкото руско воено присуство од Балтикот до Сирија.

Ние исто така треба да признаеме дека светот се менува и затоа НАТО мора да се прилагоди. Сега ние го третираме предизвикот на она што го нарекуваме долгорочна адаптација.

Тоа посебно откако Русија пред пет недели покрена воздушни напади во поддршка на сирискиот претседател Башар ал Асад.

„НАТО мора да биде во можност да ги брани сојузниците од каква било закана. Ние сме во состојба да го сториме тоа денес. Но, ние исто така треба да признаеме дека светот се менува и затоа НАТО мора да се прилагоди. Сега ние го третираме предизвикот на она што го нарекуваме долгорочна адаптација“, рече Столтенберг.

Тој додаде дека НАТО го зголемува присуството во источниот дел на Алијансата со прелиминарно позиционирање и со формирање мали штабови кои ќе служат за интегрирање, односно за поврзување меѓу националните војски и силите на НАТО.

Столтенберг изјави дека руското воено зајакнување од Балтикот до источен Медитеран ќе и овозможи на Москва да контролира клучни делови во сегашната криза.

Затоа, според него, мора да бидат преземени порешителни чекори за справување со овој предизвик.

„Ние ги испитуваме можностите за натамошно зголемување на военото присуство на НАТО во регионот“, рече Столтенберг, додавајќи дека ова прашање ќе биде на дневниот ред на наредниот самит на алијансата во јуни идната година во Варшава.

Предизвикани од минатогодишната руска интервенција во Украина, лидерите на НАТО се согласија да се откажат од кратењето на трошоците за одбрана и да ги унапредат нивните сили за брза реакција.

Нивниот број сега е двојно зголемен и изнесува 40 илјади војници. Исто така се одобрени и помали сили кои ќе можат за 48 часа да бидат распоредени и да дејствуваат при евентуална криза.

За таа цел НАТО постави командни единици во Естонија, Летонија, Литванија, Унгарија, Бугарија и Романија.

Најголемите воени вежби на НАТО од 2002 година пет недели се одвиваа во Италија, Шпанија и Португалија и на нив учествуваа 36 илјади војници.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG