Достапни линкови

Јанева ќе ги враќа „украдените“ пари во државата


Специјалното обвинителство од понеделник ги презема предметите кои произлегоа од прислушувањето. Не се знае колку предмети се, ниту дали некој се понудил за заштитен сведок, но обвинителката рече дека ќе обиде да ги врати во државата парите за кои постои сомнение дека се украдени.

Дванаесеттемина помошници на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева пред Советот на обвинители дадоа заклетва дека совесно и непристрасно ќе ја извршуваат својата работа во јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластенето следење на комуникациите.

Предметите не знаеме колкав е бројот, од понеделник натаму ќе почнеме да се обраќаме до институциите согласно законот. Има наплив од страна на странки, но тоа не се предмети кои треба да ги преземеме од државните органи. Значи се однесуваат на разни предмети.

Јанева најави дека од понеделник ќе почне со работа на предметите без да прецизира за колку предмети станува збор. Таа посочи дека нејзиниот тим е спој на искуство и младост и дека очекува тие да одговорат на предизвикот. Јанева додаде дека нејзиниот кабинет е подготвен да ја преземе работата и очекува наскоро парите да бидат префрлени на сметка.

„Предметите не знаеме колкав е бројот, од понеделник натаму ќе почнеме да се обраќаме до институциите согласно законот. Има наплив од страна на странки, но тоа не се предмети кои треба да ги преземеме од државните органи. Значи се однесуваат на разни предмети. “

На новинарско прашање дали некој се понудил за заштитен сведок, Јанева одговори:

„Тоа е во процедура и не можам ништо да ви кажам“, вели Јанева.

Таа не сакаше да каже повеќе детали за нејзината работа, освен дека ќе се обиде да ги врати во државата парите за кои постои сомнение дека се украдени.

На новинарското прашање за постапка која се водела против неа во Велес, Јанева изјави дека во друга прилика ќе соопшти повеќе детали.

Универзитетскиот професор Осман Кадриу смета дека прво на листа на обврски на тимот помошници обвинители треба да биде анализа на прислушуваните материјали и докази кои се доставени до Специјалното обвинителство.

„Со други зборови таму каде што има доволно факти и индиции за да се почне постапката, тука треба обвинителството да постапува веднаш“, вели Кадриу.

Поранешните јавни обвинители советуваат тимот на Јанева да почне со помалку сложените предмети, каде што со помалку работа и помалку губење на време ќе се дојде до брзи и конкретни резултати, за да имаат доволно време подоцна да се зафатат сериозно со најтешките случаи на организиран криминал каде што има последици од материјална смисла и последици по животот и по слобода на одредени луѓе.

Јанева посочи дека до сега немало притисоци и се надева дека во иднина нема да има опструкции.

„Очекуваме дека во непосредни контакти со советот кој ја контролира работата на специјалното обвинителство ќе бидеме во целосна транспарентност во однос на тоа дали ќе се зголеми тимот со уште нови јавни обвинители. Ние не се откажуваме од двајцата обвинители кои беа предложени и се надевам дека ќе бидат на приоритетната листа доколку се укаже потреба од проширување на тимот“, вели Јанева.

Дел од аналитичарите сметаат дека иницијативата до Уставен суд е адут на власта, за да се остави можност на Уставниот суд да го укине доколку работите од политички аспект „не одат добро“.

Кадриу додава дека стравува оти може да се случи од државното Јавно обвинителство или од Советот на обвинители налагаат за кои предмети треба а за кои не треба да се покрева постапка.

„Тоа ќе биде страшно ако се случува други надвор од Специјалното Јавно обвинителство дават мислење за кои предмети треба да работи за кои предмети не смее да покрене постапка, тогаш ќе сметаме дека ќе биде промашена целата работа фактички целата надлежност ќе биде доведена во прашање, ќе биде доведена во прашање самата институција и нејзината надлежност и остварувањето на таа надлежност“, вели Кадриу.

Советот вчера едногласно ги избра обвинителите: Гаврил Бубевски, Ленче Ристевска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро, сите од Основното јавното обвинителство-Скопје, како и Лиле Стефанова од Јавното обвинителство за гонење кривични дела од областа на корупцијата и организираниот криминал. Тие им се придружуваат на седумте обвинители избрани претходно: Бурим Рустени, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев и Фатиме Фетаи.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG