Достапни линкови

Русија распоредува копнени сили во Сирија


Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски работи Викторија Нуланд изјави дека Русија разместувала тешко оружје и копнени сили во близина на градовите Хомс и Хама како поддршка на сириските сили против бунтовниците. Според неа, руската воздушна кампања чинела меѓу 2 и 4 милиони долари дневно.

Викторија Нуланд ова го изјави на сведочењето во Комитетот за надворешни работи на американскиот Конгрес каде што заедно со помошник државниот секретар за Блискиот Исток Ен Патерсон говореше за стратегијата на американската администрација во Сирија.

Американски претставници оценуваат дека сега во Сирија имало околу 4 илјади руски војници.

Москва веќе неколку децении е воено присутна во Сирија како сојузник на претседателот Башар ал Асад, но одбива да ги коментира наводите за интензивирање на тоа присуство од почетокот на воздушните напади кон крајот на септември годинава.

Москва исто така инсистира дека главна цел на нападите биле позиции на милитантите на Исламската држава, но тоа не го прифаќаат западните сојузници.

„Москва цинично се обидува да покаже дека нејзините напади се фокусирани врз терористите, но досега 85 до 90 проценти од нападите биле врз умерената сириска опозиција и притоа гинат и цивили“, изјави Патерсон.

Руското разместување во Сирија е најголемо што Москва го има извршено во изминативе две децении.

Москва цинично се обидува да покаже дека нејзините напади се фокусирани врз терористите, но досега 85 до 90 проценти од нападите биле врз умерената сириска опозиција и притоа гинат и цивили.

Станува збор за борбени авиони, против воздушни системи, тенкови и други оклопни возила.

Поголемиот дел од оружјето било сместено во базата во Латакија во северниот дел на Сирија.

Аналитичарите велат дека досега тоа оружје или руски персонал не биле забележани на линиите на фронтот.

Сириски активисти за човекови права и невладини организации документираат дека се зголемувал бројот на цивилни цели кои биле погодени од руски бомби.

Кремљ тоа го демантира и наведува дека офанзивата на сириските владини сили била насочена против милитантите.

Во меѓувреме администрацијата на претседателот Обама постепено го зголемува нивото на вклученост во Сирија, испраќајќи авиони во турската воена база во Инџирлик и распоредувајќи 50 специјалци во северна Сирија да работат заедно со курдските сили против милитантите на Исламската држава.

Исто така е најавено дека американската војска ќе им обезбеди дополнително оружје на сириските опозициски сили кои се борат против милитантите на Исламската држава откако тие во минатата недела освоија големи територии.

Полковник Стив Ворен, портпарол на коалицијата предводена од Соединетите држави против ИД, изјави дека Демократските сили на Сирија успеале да освојат 255 квадратни километри од милитантите околу едно село во близина на ирачката граница.

Тој додаде дека операцијата била поддржувана од американски воздушни напади и оти притоа биле убиени осумдесет милитанти.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG