Достапни линкови

Комплетиран тимот на Јанева


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Специјалната обвинителка Јанева денеска доставила повторно барање, но наместо седум, побарала петмина нови обвинители кои беа избрани попладнево.

Советот на јавни обвинители денеска го комплетира тимот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со изборот на уште петмина обвинители што ќе работат во специјалното обвинителство. Биле избрани едногласно. Предвидено е утре во 11 часот тие да положат свечена заклетва и да почнат со работа.

Има наведено повеќе точки, меѓутоа за Советот беа прифатливи.

Јанева претходно предложи 14 обвинители што треба да бидат дел од нејзиниот тим, но Советот на јавни обвинители избра само седуммина. Таа тогаш ги повика избраните помошници да не даваат заклетва додека не се изберат и другите седум колеги и со тоа практично се закочи договорот од Пржино.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски, по денешната седница на Советот, изјави дека специјалната обвинителка Јанева денеска доставила повторно барање, но наместо седум, побарала петмина нови обвинители. Аневски вели дека Советот донел поинаква одлука од претходно, затоа што во барањето имало дополнувања и појаснувања кои биле прифатливи за нив.

„Ние не се премисливме, меѓутоа имавме повеќе средби со јавниот обвинител Катица Јанева и еве го и писмото сега, мислам дека во друга прилика има детали објаснето, кажува дека оние лица кои учествувале во работење на одредени предмети, претходно, значи во Основното јавно обвинителство Скопје и евентуално доколку се појави конфликт на интереси тие веднаш да видат заменети со други јавни обвинители, значи нема да бидат истите јавни обвинители, понатаму има наведено повеќе точки, меѓутоа за Советот беа прифатливи“, рече Аневски.

Иако Јанева не приложила нови докази за зголемен обем на работа, Аневски рече дека тие имаат доверба во неа. Тој вели дека обвинителите нема да работат на истите случаи поврзани со аферата „Прислушување“ на кои работеле претходно како јавни обвинители.

Претходно во текот на денот, претседателот на СДСМ Зоран Заев рече дека има сериозно придвижување во преговорите и оти се надева дека наскоро ќе има договор. По средбата со европските социјалисти, тој рече дека постои сериозна загриженост поради прекршувањето на роковите од страна на владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Има сериозно придвижување на разговорите, работните групи ги прават состаноците, помошта секако е добредојдена и сè уште е водечка од страна на двете амбасади, амбасадата на ЕУ и амбасадата на САД, секако дека помагаат и другите амбасади, овде е и господинот Питер Ванхауте којшто помага и јас очекувам денеска, утре, дај боже овие денови конечно да го заокружиме постигнатиот договор согласно она што го очекува јавноста“, рече Заев.

На 19 октомври Советот на јавни обвинители, како дел од тимот на Јанева, ги изгласа обвинителите Бурим Рустеми, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев и Фатим Фетаи. На денешната седница беа изгласани обвинителите Гаврил Бубевски, Ленче Ристовска, Трајче Пеливанов, Артан Ајро и Лиле Стефанова. Од првичниот предлог на Јанева испаднаа обвинителите Дарко Јакимовски и Снежана Бундалевска.

Министерството за правда соопшти дека Специјалното јавно обвинителство ќе биде сместено во поранешната зграда на Агенцијата за спорт и млади во Скопје. Освен простории, специјалната обвинителка деновиве го доби и буџетот кој го бараше за да ги гони делата поврзани и кои произлегуваат од прислушуваните разговори.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG