Достапни линкови

Фирма од црна листа ја гасифицира Македонија


Почеток на изградбата на магистралниот гасовод, делница Клечовце - Блок станица 5, дел од проектот за изградба на Националниот гасоводен систем.

Почеток на изградбата на магистралниот гасовод, делница Клечовце - Блок станица 5, дел од проектот за изградба на Националниот гасоводен систем.

Руска компанија, која се наоѓа на американската црна листа на компании, без тендер е избрана да поставува цевки за гасовод во земјава. Институциите молчат за изборот на фирмата.

Фирмата која што ги поставува гасоводните цевки како дел од проектот за Национален гасоводен систем на трасата од Клечовце до Штип е ставена на црната листа на американското Министерство за финансии поради кризата во Украина. Станува збор за руската компанија Стројтрансгас која во Македонија како изведувач на работите поставува цевки на 60 километарската траса. Таа на оваа листа за финансиски санкции е ставена во април минатата година.

Понатаму се поставува прашањето дали делницата ќе чини повеќе од предвиденото, затоа што делницата Клечовце – Штип се гради по принцип клуч на рака, и се отвора прашањето дали Македонија ќе има дополнителни трошоци за ставање во функција на ова делница.

Изборот на оваа фирма е направен без тендер, затоа што станува збор за меѓувладин договор со кој се уредува враќањето на клириншкиот долг од 60 милиони долари кон Македонија, а остатокот од 15 милиони долари за завршување на трасата се обврзала да ги исплати македонската влада, изјавил за информативниот портал „Фактор“ Олег Фомин од „Стројтрансгас“.

Од Министерството за транспорт и врски не ни одговорија на прашањата поврзани со сомнежите кои произлегуваат од истражувањето на порталот НоваТВ, според кое фирми подизведувачи и досега во јавноста биле спомнувани како блиски до власта како и дека на сомнителен начин се наплатуваат дел од фактурите.

Универзитетскиот професор Атанаско Туневски вели дека останува нејасно како е точно утврдено дека делницата чини баш 75 милиони долари, не е направена анализа зошто еден километар чини околу 1,2 милиони долари со што станува една од поскапите гасоводи.

„Понатаму се поставува прашањето дали делницата ќе чини повеќе од предвиденото, затоа што делницата Клечовце – Штип се гради по принцип клуч на рака, и се отвора прашањето дали Македонија ќе има дополнителни трошоци за ставање во функција на ова делница, особено затоа што е наведено уште во законот за организација на проектот дека потребните дополнителни инвестициони вложувања и оперативно работење до ставање во употреба на делницата се обезбедуваат од буџетот, значи не е јасно дали вкупната цена на проектот ќе биде повеќе и од предвиденото.“

Пред две години, опозицискиот СДСМ бараше од власта да го објави договорот склучен меѓу „Стројтрансгас“ и Македонски енергетски ресурси.

„Веднаш да го објави договорот помеѓу „Стројтрансгас“ и Македонски енергетски ресурси, кој да потсетам како одговор на мое пратеничко прашање е таен и од доверлив карактер. Ова го бараме зашто ист таков договор после објавувањето во Србија ја покажа целата мрежа на корупција и матни зделки поврзани во процесот на договарање за гасификација“, рече тогашниот пратеник на СДСМ Јани Макрадули.

Во март годинава кога започна изградбата на блок станицата 5 од гасоводната делница Клечовце – Штип, Вицепремиерот Зоран Ставревски изјави дека Владата го исполнила ветеното, да го забрзаат спроведувањето на гасификацијата во Македонија.

„При тоа на тој пат, претрпевме многу критики, претрпевме и навреди, дел од нив заслужени, поголем дел незаслужени, јас сакам да кажам дека и тие што не критикуваа, и тие што сметаа дека не правиме добро или доволно, ни помогнаа, дадоа сила, ни дадоа верба дека сме на вистинскиот пат“, рече Ставрески.

Според плановите на Владата се очекува до јуни следната година овој дел од гасоводната делница да биде завршен.

Во согласност со проектната документација, трасата на новиот гасовод од кумановското село Клечовце се движи кон Свети Николе и завршува во Штип. За останатиот дел од проектот Национален гасовод, односно за предвидената прва фаза, Владата побара кредит од 90 милиони евра од Дојче и Ерсте банк.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG