Достапни линкови

Најмногу коментари за ставовите на Ориѓански


Ставовите на музичарот Златко Ориѓански дека нема добра власт, но оти оваа е неиздржлива предизвикале најмногу коментари од нашите читатели.

Има многу реакции на нашата веб-страница по ставовите за оваа власт, за која вели дека е неиздржлива, и за власта воопшто, што ги искажува музичарот Ориѓански во нашето редовно неделно интервју.

За оваа власт гласаа 500 илјади граѓани и многу малку е битно мислењето на овој господин.

Коментарите се движат од онакви каков што е на пример на Дарко дека: „За оваа власт гласаа 500 илјади граѓани и многу малку е битно мислењето на овој господин“, дека „Господинот Ориѓански може да продолжи да свири затоа што Заев не доаѓа на власт со вакви харикири“ - како што напишал во стиховите Сашо, па до тоа да биде прогласен за плагијатор, како што смета Пеце од Селце. Но има и такви што имаат позитивен однос спрема неговите зборови, како Ситизен, на пример, кој се согласува со поголемиот дел од интервјуто, но го критикува и однесувањето на опозицијата и се сомнева дека народот ќе излезе по трет пат на улица. Некој наш фан, потпишан со Хамбург дава историски преглед на однесувањето на Македонецот, па пишува: „Во времето на Турците тие биле виновни за сè, во времето на Југославија - Србите, Хрватите, Словенците, денес сите, па и духовите се виновни за Мк, само Македончето не е. Тоа си сака токму ваква влада и ваков начин на живеење“.

Саботната анализа на колешката Мирјана Спасовска со наслов „Сè подалеку од ЕУ и сè повеќе забелешки“ исто така ги допрела нашите слушатели и читатели. Петар на пример е на мислење дека „Што подалеку од ЕУ и НАТО, толку подобро“, затоа што тие заедно со САД функционирале во многу суптилна симбиоза, па додава дека „валканата игра е на штета на Македонија“. Ситизен и овде со својот став во врска со големиот број препораки и забелешки од ЕУ: „Исто како и програмата, доградена, надградена... патриотска. Така исто и препораката, од името (спорот), со секоја помината година се надградува. Но, некому тоа одговара, ако не дај боже влеземе во ЕУ, отиде пашалакот“. Драган од Усветија мисли дека нашава редакција со ваквите написи и делување ѝ штетела на Македонија.

Неколкумина што коментирале по нашиот прилог дека „Судбината на Договорот од Пржино е во рацете на власта“ позитивно реагираат на твитот на премиерот Груевски дека народот ќе решел за идната власт, па Горан Дувјакоски апелира да престанат тие, како што вели, странски арбитражи и да го оставеле „човекот на мира да си работи“. Потпишан со Нема време смета дека ЕУ нема веќе што да чека, туку треба итно да воведе санкции за државава. „Народот тоа ќе го разбере. Подобро притисок и санкции отколку вака вечно малтретирање со ненормални политичари“ - напишал Нема време.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG