Достапни линкови

Изборната победа, отровен подарок за Ердоган


Турската Партија на правдата и развојот неочекувано однесе убедлива победа на вчерашните избори. Со тоа во земјата се врати владеењето на една партија што ќе ја зајакне моќта на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Од друга страна, пак, според експертите, тоа ќе ги продлабочи социјалните разлики во Турција.

По пребројувањето на сите гласови, Партијата на правдата и развојот освои само нешто помалку од 50 насто, доволно за да го има мнозинството во парламентот со 550 места.

Ваквиот резултат не го очекуваа и наголемите оптимисти во оваа партија.

Професор Ченгиз Актар, експерт за односите на Турција со Европската унија на Универзитетот во Истанбул вели дека ваквата победа на Партијата на Ердоган била вистинско изненадување.

„Една од опциите беше дека владејачката партија на претседателот Ердоган ќе победи, но никој не очекуваше со ваков резултат“, вели тој.

Мислам дека ова е некаков вид отровен подарок за владејачката партија. Ќе видиме во наредните денови каква ќе биде меѓународната реакција. Јас, освен бирократијата и курдското прашање не го спомнав новиот елемент во турската политика, таканаречената Исламска држава.

Во седиштето на Партијата на правдата и развојот во Анкара, премиерот и лидерот на оваа партија Ахмед Давутоглу пред приврзаниците изјави дека ќе го исполни ветувањето за враќање на мирот и стабилноста во земјата која е потресена од секташки и политички борби што длабоко го поделија општеството.

„Ќе ја спасиме Турција од секакви видови судири и тензии. Турција ќе продолжи да се развива и да ја подобрува демократијата без омраза и насилство“, рече Давутоглу, повикувајќи ги политичките партии да работат заедно во изработка на нов Устав.

Ердоган го посакува тоа бидејќи на таков начин ќе ја прошири неговата моќ, што за странските инвеститори и за западните сојузници претставува јасна намера дека тој прераснува во авторитарен лидер.

Од претходните избори во јули годинава, примирјето со курдските милитанти пропадна, војната во соседна Сирија се влоши, а Турција, која е членка на НАТО, беше потресена со два бомбашки напада во кои загинаа над 130 луѓе.

Професор Актар смета дека владејачката партија не ќе може да се справи со овие проблеми и оти изборната победа била пехар полн со отров.

„Мислам дека ова е некаков вид на отровен подарок за владејачката партија. Ќе видиме во наредните денови каква ќе биде меѓународната реакција. Јас, освен бирократијата и курдското прашање, не го спомнав новиот елемент во турската политика, таканаречената Исламска држава. Според разузнавачки податоци, 3 илјади турски граѓани работат и се борат за Исламската држава. Затоа мислам дека Партијата на Ердоган победи на изборите, но ќе се соочи со многу проблеми“, вели професор Актар.

Со исто мислење и се некои граѓани на Истанбул.

„Повторно ќе се најдеме во хаос и веќе ни е смачено. Смачено ни е да живееме во истите лоши настани повторно. Изморени сме“, вели Билџе Чевик.

Изборниот резултат би можело да ги влоши длабоките поделби во Турција меѓу исламските конзервативци кои на Ердоган гледаат како на херој на работничката класа, и прозападните секуларисти кои го обвинуваат за диктатура и за ширење на исламистички идеали.

XS
SM
MD
LG