Достапни линкови

Турската опозиција бара почитување на законите


Лидерот на најголемата турска опозициска републиканска партија Кемал Киличдароглу ја предупреди владејачката Партија на правдата и развојот да ги почитува законите откако однесе убедлива победа на вонредните парламентарни избори со што го врати апсолутното мнозинство во парламентот. Партијата на правдата и развојот на минатите избори на 7 јуни годинава освои нешто над 40 насто од гласовите и за прв пат од доаѓањето на власт во 2002 година го загуби мнозинството во парламентот. На вчерашните таа доби над 49 насто од гласовите и ќе има 316 места во парламентот составен од 550 пратеници. За главната опозициска Народна републиканска партија гласале 25,44 отсто од гласачите и таа ќе има 134 мандати во турскиот Меџлис. Партијата на националистичко движење освои 11,97 насто, а за прокурдската Демократска партија гласале 10,59 насто, со што го мина десет процентниот изборен праг. Одѕивот на гласачите на вчерашните предвремени парламентарни избори изнесуваше 87 насто. Според Киличдароглу, резултатите во Турција би биле поинакви да не дошло до пораст на насилството во земјата. Лидерите на прокурдската партија оценија дека нефер изборните услови биле причина за нивниот слаб резултат. Претходно, турскиот премиер Ахмед Давутоглу изјави дека резултатите од изборите претставуваат победа за демократијата.

XS
SM
MD
LG