Достапни линкови

Нишај врата - земај плата


Рубинчо Аризанкоски, претседател на Здружението за помош на социјално исклучени лица и ризични групи „Скорпион“.

Рубинчо Аризанкоски, претседател на Здружението за помош на социјално исклучени лица и ризични групи „Скорпион“.

Секогаш работодавците се тие кои имаат многу трошоци, а дали некој го прашува работникот дали тој има трошоци, деца, фамилија, сметки и уште што ли не, пишува Рубично Аризанкоски во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Учиш, трошиш куп пари за факултет и што потоа? Во кратки црти во оваа земја ништо!

Секогаш работодавците се тие кои имаат многу трошоци, а дали некој го прашува работникот дали тој има трошоци, деца, фамилија, сметки и уште што ли не. Па кој ќе му ги плати?

Многу се интересни огласите кои ги објавуваат денешниве газди. Се бара да си дипломиран, по можност со искуство, со познавање на јазици, возачка дозвола, препораки дека си бил добар работник и не знам уште што, за на крај да седнеш на интервју и да ти рече 10 илјади доволни ти се?

Секогаш работодавците се тие кои имаат многу трошоци, а дали некој го прашува работникот дали тој има трошоци, деца, фамилија, сметки и уште што ли не. Па кој ќе му ги плати? Работодавците речиси никогаш немаат пари за да исплатат плата на време. Постојано ќе се жалат за тоа како имале трошоци. Но, не знам зошто едноставно вработените ги заморуваат со нивните трошоци и проблеми, ако не можат да ја водат фирмата има решение – да го стават клучот на врата.

Дали некој вработен го заморува работодавецот кој има десет пати повеќе пари од неговата бедна плата дека има трошоци?. Епа ајде сите да работиме од љубов, а тие нека ги полнат своите џебови. Можеби така ќе бидат најсреќни и нема да се жалат.

Најинтересно е кога работодавците се жалат дека немаат пари, а вработените се смеат. Многу јасно дека ќе се смеат кога постојано кукаат дека немаат пари, а дома имаат возен парк од најскапи возила и секој викенд одат да се одморат. За сметка на тоа работниците кои црнчеле цела година едвај имаат да издвојат за еден одмор од 10 дена или пак да истераат викенд. Но, зошто е тоа така, зошто нашите работодавци преку ноќ сакаат да заработат на грбот на своите работници, а притоа да не им платат за сработеното.

Платите се минимални а работата е обемна. Едноставно ја користат ситуацијата на беспарица и невработеност и се доволно свесни дека младите во оваа тешка економска ситуација, кога тешко се наоѓа работа, ќе прифатат колку да не седат дома да работат за максимални 10 илјади денари примања, а некаде да не се изненадите и ако ви понудат и плата од 6 илјади денари. Се работи во просек по 12 часа, но платите се тие.

Додека да дојде време да те пријави во Агенцијата за вработување за да почне да тече стажот, до тогаш ќе ве бомбардираат со најразлични договори, а најинтересно е што за тоа време нема да ви биде исплатен ниту денар за сработеното.

Уште една работа која што многу често ја прават газдите, е тоа што обожуваат да ги пријават своите вработени со основно образование, за да ви плаќаат помали придонеси, а некој пак не плаќаат ништо.

Платите секако не се редовни, секогаш едниот исти изговор нема пари, во криза сме. На што ли ќе се вадеа да немаше криза. Но, тука не запираат далаверите на работодавците. Може да налетате на некој со празни ветувања од типот - првите три месеци ќе земаш плата 10 илјади, а после ќе ти ја покачиме платата. Но, ништо од тоа, ќе останете на тие 10 илјади, а и тие ќе ви доцнат.

Многу е интересно кога веќе ќе отидете на интервју, а претходно сте имале слична работа на слично работно место и кога ќе ви каже газдата дека треба да бидете пробно некој месец. Нормално ќе се сложите поради тоа што денеска е тешко да најдете работа и колку да не седите дома вие ќе прифатите. Месеците за волонтирање, или пробно или пракса, како сакате наречете ги, нема да ви бидат платени или пак ќе добиете некои 6.000 денари и потоа ќе ви речат дека немаат потреба од вас.

Има уште многу други примери кои покажуваат на кој се начини си поигруваат газдите со вработените. Е па, кој како дробел така и ќе срка.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG