Достапни линкови

Македонија „заробена“ од стотина луѓе


Илустрација.

Илустрација.

Македонија не е жртва на власта или на опозицијата, туку на стотина луѓе оттргнати од институциите кои практично ја узурпираат власта.

Одговорноста за сè ова што се случува во Македонија се наоѓа во стотина луѓе, дел од нив се функционери, а дел оние што ги држат парите, оценува во интервју за Радио Слободна Европа музичарот, кој важи и за силен критичар на власта Златко Ориѓански. Според него, земјава се наоѓа во, како што вели, канџите на балканската мафија и затоа процесот на ослободување ќе биде тежок. Таа балканска мафија има една цел, додава тој, Македонија да не функционира како правна држава, туку да биде нешто налик на територија.

По атентатот на Глигоров навака почна да се оди во правец што е тотално погрешен и идеолошки и политички и економски. Тоа или ќе се сопре, или ќе тлееме вака како земја.

„Ми се чини дека тој процес започна некаде брзо по атентатот врз Киро Глигоров и тој процес одеше бавно, споро, можеби дел граѓани го гледаа, дел не, меѓутоа до 1995 година, првите години по осамостојувањето, Македонија по некоја чудна инерција многу наликуваше на фина, мала, европска земја и се случија некои резултати во разни области, тогаш се случи „Пред дождот“ имаше некакви успеси во спортот. По атентатот на Глигоров навака почна да се оди во правец што е тотално погрешен и идеолошки и политички и економски. Тоа или ќе се сопре, или ќе тлееме вака како земја“, вели Ориѓански.

Македонија е многу долг период во длабока политичка, економска, морална и духовна криза, оценува и долгогодишниот новинар Ерол Ризаов, според кого, во последниве години ја доживува кулминацијата.

„Тоа овие последни три години е само кулминација од оној случај што беше во парламентот кога опозицијата е избркана од тајната полиција и кога се отстранети новинарите. Тоа е само последица. Многу порано почнува тоа би рекол назадување во демократијата, односно запирање на демократските процеси и воопшто развојот на слободната мисла. Тоа е некаде 1996 година од кога почнува една страшна криза на моралот, на оној ентузијазам што го имавме од почетокот на создавањето на новото општество и воопшто на односите и се појавува со сета своја жестина, односно кулминира корупцијата и криминалот и за жал многу присутен и организираниот криминал“, вели Ризаов, според кој во последниве десет години тоа било општо видливо.

Сега, додава тој, добивме една ситуација во која не владата, не опозицијата, туку одредена група луѓе која се отргнува од институциите на системот воведува врз нив контрола и, како што вели, практично ја узурпира власта. Затоа сега за да се урне ваквиот систем, според Ризаов, не била потребна само храброста на македонските граѓани, туку и меѓународната заедница.

Ориѓански, пак, во интервјуто што ќе го емитуваме во целост в недела, оценува дека разрешницата на политичката криза ќе оди бавно и мачно.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG