Достапни линкови

Ориѓански – Оваа власт е неподнослива


Ориѓански – Оваа власт е неподнослива
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:26 0:00

Ориѓански – Оваа власт е неподнослива

Страшно е кога дел од граѓаните ќе почнат да ја величаат власта, тоа е најстрашно, затоа што добра власт не постои, нема таква. Има поднослива и неподнослива власт, а оваа е неподнослива, вели музичарот Златко Ориѓански во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Ориѓански, Македонија се наоѓа во една од најголемите политички кризи од независноста, а нејзиното разрешување зависи од четворицата партиски претставници и од странскиот фактор. Сметате ли дека овој процес на разрешување на политичката криза можеби требаше да биде поотворен за граѓаните?

Вклучени се граѓаните. Претходно нели имаше протести, учествуваа граѓани од кои дел беа од невладините организации, меѓутоа во најголем дел беа луѓе коишто немаат никаква врска со политичка активност или политички партии, како едно чувство, како една желба дека е дојдено време за промени. Мислам дека разрешницата ќе оди бавно, мачно. Верувам дека луѓето коишто се во политиката имаат барем малку разум да не го доведат народот во најлошата состојба, затоа што од вакви ситуации многу лесно се преоѓа во граѓански војни, оружје итн. Мислам дека менталитетот на Македонецот е малку поинаков. Јас често пати спомнувам една народна песна во врска со менталитетот. Вели „ти каранфил не носиш, на каранфил мирисаш“. Значи, Македонецот, во својата природа, не тргнал ни цвеќето да го кине, а камоли друго. Мислам дека се лаже оној којшто мисли дека ќе игра на таа карта и дека ќе му донесе резултат. Созреан е моментот да се случат промени, враќање назад нема. Колку и луѓе да сакаат да се вратиме во 2008 или во 2010 година, тоа не е возможно, така што мислам дека ќе се заврши ова на среќа на сите нас.

По објавувањето на „бомбите“ имаше граѓански револт, имаше луѓе на улица, имаше протести. Откако влегоа дипломатите, откако почнаа преговорите работата некако спласна, граѓаните седнаа пред телевизор и чекаат исход од партиските преговори. Сметате ли дека граѓаните повторно во скоро време ќе се вратат на улиците?

Сè во животот си има некој свој момент, така и ова. Тоа беше тој момент. Беспредметно е да се враќаме и да велиме зошто тогаш протестиравме, а сега не протестираме. Тоа беше добар момент, логично беше да се седне на крајот да се разговара, затоа што ако продолжеше тоа да се движи со демонстрации на улица, на крајот ќе стасавме до употреба на сила од двете страни и тоа ќе завршеше трагично и за луѓето и за институциите. Значи, мора да се разговара. Се разговараше, меѓутоа повторно не се дојде до решение. Мислам дека веќе сме влезени во фаза на едно лудило и ќе треба да се најде свесност и трпение за да го поминеме на мирен начин. Ако повторно излеземе на улица, значи дека сме ја вратиле топката назад и на крајот, што и да се случи, повторно ќе треба да се седне и да се разговара. Одговорноста за сево ова се наоѓа кај стотина луѓе, дел се во власта, а дел се луѓето што ги држат парите во Македонија. Дури можеби тие се повеќе одговорни од овие што ги гледаме на првата линија, затоа што очигледно некому ваква матна ситуација му одговара. Македонија всушност се наоѓа во канџите на она што се нарекува балканска мафија. Затоа процесот на наше ослободување ќе биде многу тежок и многу сложен. Таа балканска мафија има една цел – Македонија да не функционира како нормална правна држава, туку да е нешто налик на држава, повеќе територија. Ми се чини дека тој процес започна брзо после атентатот на претседателот Киро Глигоров. Тој процес одеше бавно, можеби граѓаните дел гледаа, дел не, меѓутоа до 1995 година, првите години по осамостојувањето, Македонија по некоја чудна инерција многу наликуваше на фина, мала европска земја. Мене често ме потсетуваше на Данска, значи мала по број, но тогаш се случија некои резултати во разни области, тогаш се случи „Пред дождот“, имаше некои успеси во спортот итн. По атентатот на Глигоров почна да се оди во правец којшто е тотално погрешен, и идеолошки и политички и економски. Тоа или ќе се сопре или вака ќе тлееме како земја.

Останаа ли социјалните мрежи единствен простор во Македонија, каде што граѓаните како поединци може да го изразат својот револт, несогласување?

Па да. Нашиве медиуми изгледаат толку демоде, толку е целото тоа диктаторски поставено, тоа ни за времето на Тито не беше така поставено, излегуваа уметници, кажуваа што не им се допаѓа, правеа претстави против системот, против режимот. Денеска има една состојба, страшно е кога дел од граѓаните ќе почнат да ја величаат власта, тоа е најстрашно, затоа што добра власт не постои, нема таква. Има поднослива и неподнослива власт. Оваа е неподнослива. Оној миг кога гледате луѓе од театар, а театарот беше место каде што ќе појде човек за да размени мислења со своите колеги, со глумци, со музичари, јас не се сеќавам дека некој зборувал позитивно за која било власт и сега одеднаш една групација луѓе од таму ја величаат власта затоа што некому му дале поголема плата. Прво треба да се биде свесен дека и работите што се градат и платата што ја добиваш се производ на твојот народ, на даноците што ги плаќа твојот народ, тие не ги дава владата. Сега го купила возот, па велат владата ни купи воз. Владата не може да ни купи воз, владата ќе ни купи воз ако решат оваа година да не земаат плата.

Целото интервју со Златко Ориѓански може да го погледнете на видеото на почетокот на текстот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG