Достапни линкови

Потребни пазари за еко производи во руралните средини


Општина Маврово-Ростуше е во тек на реализација на проект за изградба на еко пазари во соработка со албанската руралната општина Ѓинар–Елбасан.

Република Македонија и Република Албанија досега имаат реализирано вкупно 51 проект преку ИПА програмата за меѓугранична соработка на ЕУ. Општина Маврово-Ростуше е во тек на реализација на проект за изградба на еко пазари во соработка со албанската руралната општина Ѓинар–Елбасан. Со овој проект во Општината Маврово-Ростуше се градат два еко пазари и тоа во Ростуше и во Маврово. Локалните власти оценуваат дека изградбата на овие отворени пазари ќе го олесни пласманот на еко производите, но воедно и ќе го поттикне зголемувањето на нивното производство.

Општината Маврово-Ростуше која опфаќа површина од 683 километри квадратни има 42 села и имаше потреба од еден сопствен пазар за пласман на еко производи. Населението патуваше на пазари во соседните општини.

„Општината Маврово-Ростуше која опфаќа површина од 683 километри квадратни има 42 села и имаше потреба од еден сопствен пазар за пласман на еко производи. Населението патуваше на пазари во соседните општини. Од друга страна, теренот изобилува со бројни богатства на квалитетни плодови, кои се на територијата на Националниот парк „Маврово“. Сега веруваме дека со пазарите за еко производи ќе се зголеми интересот за производство на еко производи кај локалното население“, вели Мукрем Мехмеди, градоначалник на Општината Маврово – Ростуше.

Националниот парк Маврово, пак, кој се наоѓа на територија на оваа општина, има свое значење во однос на заштитата на биодиверзитетот и богатиот фонд на шумски производи, лековити билки и други растенија. Директорот на паркот Онер Јакуповски истакнува дека населението кое се занимава со еко производи има посетувано и обуки.

„За нас овој проект преставува прилично голема обврска и активност преку кој ќе ги валоризираме сите оние производи кои ги има на просторот на националниот парк. Инаку, Националниот парк „Маврово“ има воспоставено системска мрежа за заштита на сите еко производи кои потекуваат од оваа подрачје“, вели Јакуповски.

Градоначалникот на Општина Ѓинар – Елбасан од Албанија, Кристаќ Штау, смета дека меѓуграничниот проект со Општината Маврово – Ростуше е многу битен за поддршката на локалното население во руралните средини за производството на еко производи. Во оваа албанска општина веќе работи еко пазарот, а ефектите се мошне добри, додава Штау.

„И ние имаме еко производи кои влијаат во подобрувањето на животот на луѓето, но и агро туризмот. Основа на оваа активност е подобрување на стандардот на руралното население и генерално на сите во заедницата“, вели тој.

Официјалните информации на Министерството за локална самоуправа на Владата на Македонија, велат дека од ИПА програмите на ЕУ за сите реализирани проекти за меѓугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија се добиени 7,2 милиони евра. Според Хајрие Ахмед од оваа министерство, со ИПА 2 програмата која стартува идната година за меѓугранични проекти на Македонија и Албанија, ќе финансира над 12 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG