Достапни линкови

Кандидати за хрватски пратеници со кампања во Македонија


Кандидати за пратеници во Хрватска со потекло од Македонија - Идрис Сулејмани и Јонуз Алити.
Кандидати за пратеници во Хрватска со потекло од Македонија - Идрис Сулејмани и Јонуз Алити.

Идрис Сулејмани и Јонуз Алити, кандидати за пратеници во хрватскиот парламент дел од кампањата ја водат и во Македонија, оти има многу луѓе од тетовско кои работат во Хрватска во летната сезона, а сега се дојдени во родниот крај.

Со цел да се привлечат гласовите на Македонците и Албанците од тетовско, кои имаат хрватски државјанства и можат да гласаат на парламентарните избори на 8 ноември, двајцата кандидати за пратеници Идрис Сулејмани и Јонуз Алити во полошкиот регион спроведуваат дел од нивната кампања. И двајцата се родум од тетовските села, имаат многу познаници и во двете етнички заедница па затоа се одлучиле во пресрет на изборите да се сретнат со потенцијалните гласачи. Голем дел од Македонците и Албанците од тетовско кои во Хрватска работат во летната сезона од април до октомври сега се дојдени во родниот крај, објаснува Идрис Сулејмани.

Во Македонија живеат огромен број од избирачите. Кога поминува сезоната тие сите се во Македонија и затоа со директорот на кампањата имаме план да дојдеме во Македонија и да направиме штаб.
Идрис Сулејмани, кандидат за пратеник во хрватскиот парламент.

„Во Македонија живеат огромен број од избирачите. Кога поминува сезоната тие сите се во Македонија и затоа со директорот на кампањата имаме план да дојдеме во Македонија и да направиме штаб“, вели Идрис Сулејмани.

Оние кои сакаат да гласаат додека се во Македонија тоа треба да го направат во амбасадата на Хрватска во Скопје, вели Јонуз Алити.

„За да би гласале мораат да се регистрираат. Треба да фотокопираат лична карта или пасош, да пополнат формулар и да ги предадат во амбасадата на Хрватска во Македонија. Потоа на денот на гласањето ќе треба да ја земат посебната листа за пратеници од редот на припадниците на националните малцинства и да изберат еден од кандидатите“, вели Јонуз Алити.

Глас за сите нас е мотото на кандидатот Јонуз Алити со кој се надева на гласовите од малцинските групи.

„Мојата визија, бидејќи 80 до 90 проценти од нас малцинските групи, се занаетчии или имаат мали фирми, како институционално да им се помогне. Ние на тие луѓе општо треба да им помогнеме, да немаат проблеми во своето работење односно државата да ги заштити, како и да се зголемат средствата од програмите на малцинствата“, истакнува Алити кој е роден во тетовско Камењане, а живее во Загреб.

Идрис Сулејмани со паролата Обединети до победа се обраќа до избирачите.

„24 часа ќе бидам на нивно располагање. Јас сум човек кого го знаат сите и на сите ќе им помогнам за нивните права кои им следуваат со Уставот на Република Хрватска. Да се почитуваат подобро, да се вработуваат и се тоа што имаме во програмата сигурно ќе бидам тој што ќе задоволи нивните барања“, истакнува Идрис Сулејмани кој потекнува од Жеровјане, а живее во Пореч.

Хрватските граѓани кои имаат албанско, македонско, црногорско, босанско или словенечко потекло ќе избираат еден од 12 кандидати кои се наоѓаат на малцинската листа при гласањето за избор на пратеници. Српското, италијанско и унгарското малцинство во Хрватска имаат загарантирани места во тамошното собрание.

XS
SM
MD
LG