Достапни линкови

Мигрантски кампови во Македонија?


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Според изјавата на претседателот Ѓорге Иванов, Македонија ќе може да прими две илјади луѓе со помош на Обединетите нации и Црвениот крст.

Македонија како дел од балканската рута на мигранти се обврза да направи кампови и да прими дел од 50-те илјади мигранти, кои, според заклучоците од европскиот мини самит, треба да бидат сместени на западнобалканската рута.

Она што ние го гледаме во планот што го има Владата, она што го гледаме во изјавата, е дека има капацитет за прием на околу 2.000 луѓе, но таа изјава треба да биде разјаснета и потврдена од владата на оваа земја.

Претседателот Ѓорѓе Иванов, заедно со останатите лидери кои се согласија да ги спроведат мерките договорени на Самитот, се обврза на засилување на граничната соработка меѓу Грција и Македонија, засилување на пограничната контрола, а во однос на обврските на земјава во извештајот е наведено дека е потребна засилена посветеност на УНХЦР на јужната граница. ЕУ се обврза, во соработка на УНХЦР, да работи на зголемување на капацитетот за градење на привремени засолништа на западнобалканската рута.

Според изјавата на Иванов која ја пренесе МИА, Македонија ќе може да прими две илјади луѓе со помош на Обединетите нации и Црвениот крст.

Од кабинетот на претседателот до објавувањето на овој текст не одговорија какви мерки конкретно ќе преземе Македонија за спроведување на договореното.

Претставникот на УНХЦР во Скопје Мохамед Ариф вели дека УНХЦР во целост го поддржува спроведувањето на планот и ќе ја поддржи Владата да ги исполни обврските кои произлегуваат од договореното. Тој, во однос на прашањето дали Македонија има капацитет за прием на бегалци, вели дека Владата е таа што треба да одговори на тоа прашање.

„Она што ние го гледаме во планот што го има Владата, она што го гледаме во изјавата, е дека има капацитет за прием на околу 2.000 луѓе, но таа изјава треба да биде разјаснета и потврдена од владата на оваа земја“, вели тој.

Во европскиот план е наведено дека една од задачите на УНХЦР е да го зголеми својот ангажман на границата меѓу Македонија и Грција. Ариф вели дека тоа за нив значи да работат и со двете влади да видат како најдобро можат да го спроведат планот за приемот, објектите, прифатните капацитети во двете земји и да видат како најдобро може да се разменуваат информации.

Од Центарот за управување со кризи велат дека и тие сè уште не добиле информација од кабинетот на претседателот за мерките кои Македонија се обврзала да ги преземе согласно заклучоците и дека во текот на следните неколку дена ќе одржат состаноци на кризниот штаб за овие прашања.

Координаторката на програмата за мигранти во Црвен крст, Сузана Тунева Пауновска, вели дека колкав број на луѓе сме подготвени да примиме ќе зависи од дополнителни разговори на институциите, но Македонија од досегашното искуство со белалските кризи од Косово и од Босна и Херцеговина покажа дека има капацитет да прифати бегалци.

„Црвен крст на Македонија во изминатиов период менаџираше со неколку кампови со лицата од Босна и Херцеговина и Косово. Генерално, како држава, ако добро се организираме и секако имаме одредена финансиска поддршка од надвор, ние можеме, со оглед на научените лекции од минатото, би можела Македонија на некој начин да организира, да прифати прием на одредена група на луѓе. Но, сепак, таа бројка не може да биде многу голема поради тоа што во државата имаме лимитирани човечки ресурси и лимитирани финансиски буџети, така што сето тоа е на некој начин поврзано и со ситуацијата во која се наоѓа државата“, вели таа.

Институциите и меѓународните организации кои се дел од кризниот штаб, имаат одредени резервни планови ако се случи задржување на поголем број на луѓе во земјава, како да се постапува и на кои локации би се поставиле одредени кампови за таа цел, објаснува Тунева Пауновска.

„Координативното тело кое во моментов функционира при Центарот со управување со кризи, ќе ги детализира местата каде би можело кампови да се формираат или да се изградат, или пак да се користат постоечки капацитети коишто ги имаме во државата, коишто се празни и на кои би им требало дополнително реновирање за да послужат како прифатни центри“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG