Достапни линкови

Претставниците на меѓународната заедница инсистираат дека договорот мора да се спроведе, доведувајќи го во релација со извештајот на Европската комисија за Македонија кој токму поради тоа доцни.

Иако рокот од два-три дена за останување во живот на Договорот од Пржино истекува денеска, засега ништо не е извесно и останува под знак прашалник дали Македонија ќе стане Белорусија, како што посочи олеснувачот Ванхауте или, пак, под странски притисок ќе остане договорот во живот.

Иако ние во јавноста слушаме разно-разни изговори за виновникот за нереализирањето и префрлување на вината, мислам дека на крај ќе се договорат.

Различни дипломатски активности се одвиваат и во текот на денешниот ден но резултатот останува неизвесен. Од она што јавно го посочуваат своевидните ментори на разрешувањето на политичката криза и гаранти на договорот, претставниците на меѓународната заедница, постојано се инсистира дека договорот мора да се спроведе, доведувајќи го во релација со извештајот на Европската комисија за Македонија кој доцни и кој најверојатно ќе биде објавен идната недела. Во спротивно можно е препораката за почнување на преговорите да ја снема од документот со кој се оценува напредокот на државава.

Според аналитичарот Алберт Муслиу, сепак денеска е рано да се прогласи договорот за мртов или, пак, да се заклучи дека странците кренале раце од него. Не верувам дека тоа го сториле и нашите партии, нагласува Муслиу.

„Просто, ова е тешка тема и на крај ќе ја надминат тие во секој случај, затоа што опциите се многу потешки од тоа да го остварат договорот кој сами го потпишаа. Иако ние во јавноста слушаме разно-разни изговори за виновникот за нереализирањето и префрлување на вината, мислам дека на крај ќе се договорат. Од друга страна, странците дефинитивно не се откажале оти нивната активност преку викендов сигурно била многу поголема од редовната“, вели Муслиу.

Инаку и по полноќниот состанок на лидерите во петокот и по средбите на олеснувачот Питер Ванхауте со некои од партиските претставници викендов, од она што се дознава остануваат отворени главните прашања - утврдувањето на надлежностите на министрите предложени од СДСМ во преодната влада и комплетирање на тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева.

Тешката разврска се навести и во говорот на премиерот Никола Груевски во петокот, кој рече дека целта на процесот во Пржино се априлските избори на кои народот, а не странците, ќе каже кој има поддршка. Странците, пак, доцна вечерта по говорот го посетија во владата и му посочија на итноста за разрешување на кризата. Наредниот ден СДСМ најави дека уште малку ќе почека за повторно да се врати на објавувањето на т.н. бомби со кои во февруари всушност и се разгоре кризата.

Според Муслиу, ваквите партиски изјави се пред сè насочени кон своите поддржувачи и не може да се сметаат за став на преговарачката маса, а сè додека не почне објавувањето на т.н. бомби или пак предлог-законот за нивно забранување на Талат Џафери и Крсто Мукоски во иста форма не се врати во собранието - договорот од Пржино, сè уште може да се смета за жив.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG