Достапни линкови

logo-print

Предлогот за колективен договор за медиумската индустрија треба да реши голем дел од горливите проблеми со кои денес се соочуваат новинарите, уредниците, снимателите, монтажерите и другите медиумски работници.

Синдикатот на новинари и медиумски работници на Македонија од Битола започна со презентација на Нацрт колективниот договор за медиумската индустрија. Овој предлог договор решава голем дел од горливите проблеми со кои денес се соочуваат новинарите, уредниците, снимателите, монтажерите и другите медиумски работници.

Не сме навикнати на пристојни услови на работа, па сè што навидум и малку наликува на пристојно, нам ни се чини луксуз. Македонските медиумски работници, независно дали се новинари или работат во производство на медиумска содржина, се најниско платени во регионот.

Претседателката на синдикатот Тамара Чаусидис истакна дека на моменти можеби ќе се чини дека некои работи се прилично максималистички.

„Не сме навикнати на пристојни услови на работа, па сè што навидум и малку наликува на пристојно, нам ни се чини луксуз. Македонските медиумски работници, независно дали се новинари или работат во производство на медиумска содржина, се најниско платени во регионот. Просечната плата на новинари е помала од просечната плата на ниво на држава, а кога говориме за новинари најчесто зборуваме за лица со високо образование“, рече таа.

Колективниот договор за кој синдикатот во иднина ќе преговара со работодавачите предвидува и основица на плата која се множи со коефициент во зависност од работниот стаж.

„Се воведува основна плата од 10 илјади денари која се смета како основица и се додава коефициент. Предлог е минимална плата за новинар и вработен почетник да е 20 илјади денари. Пет години стаж, односно помлад соработник, е со коефициент 2, односно минимална плата помножено со два. За оние со подолг стаж коефициентите се повисоки“, додаде Чаусидис.

Во Колективниот договор предвиден е и тарифник за изработени прилози и текстови за дописниците во медиумите кои не се во редовен работен однос.

„Се регулира правото на одмор, животното осигурување, обврската работодавачот да ја плати казната на новинарот за текст кој ги минал сите уреднички скалила, не смее да постои одработување на одморот што е пракса во некои медиуми. Понатаму, како да се одбраниме од структурен мобинг, тоа е кога одите на работа и не добивате работна задача или пишувате текстови, а не ви ги објавуваат во весникот, тоа е начин да ви кажат дека немате продукција и да ве избркаат од работа“, додаде Чаусидис.

Синдикатот на новинари и медиумски работници од Македонија апелира до медиумските работници да им станат членови и заедно да ја продолжат битката за регулирање на работничките права.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG