Достапни линкови

ЕУ и Балкан: согласност со страхување околу мигрантите


ЕУ и Балкан: согласност со страхување околу мигрантите
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:12 0:00

ЕУ и Балкан: согласност со страхување околу мигрантите

Лидерите на Европската унија и на балканските земји на состанокот во Брисел се согласија околу планот од 17 точки за соработка во справувањето со мигрантскиот бран што минува низ Балканот. Сепак, кај дел од учесниците постои страхување дека тоа ќе води до задржување на мигрантите надвор од Европската унија.

Меѓу мерките е предвидено и воспоставување места за 100 илјади мигранти во прифатните центри на нивната рута од Грција до Германија.

Половина од нив ќе бидат во Грција, додека другата половина низ другите земји.

Во ова ќе помага и Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации УНХЦР.

„Го пофалувам грчкиот премиер за неговата посветеност да се зголеми капацитетот во Грција за 30 илјади места до крајот на годинава, со тоа што УНХЦР ќе помогне за уште 20 илјади места“, изјави претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер по самитот во Брисел.

За да го заштитиме Шенген ние, исто така, треба да го зајакнеме управувањето на границата меѓу Грција и Македонија, Албанија и Србија во соработка со Фронтекс. Покрај тоа, ние во рок од една недела ќе распоредиме 400 полицајци во Словенија.
Жан Клод Јункер, претседател на ЕК.

Лидерите исто така се согласиле да ја интензивираат активноста на граничната агенција на Унијата Фронтекс.

„За да го заштитиме Шенген, ние, исто така, треба да го зајакнеме управувањето на границата меѓу Грција и Македонија, Албанија и Србија во соработка со Фронтекс. Покрај тоа, ние во рок од една недела ќе распоредиме 400 полицајци во Словенија“, рече Јункер.

Тој додаде дека на самитот било ставено јасно до знаење дека мора да биде запрена политиката на префрлање на мигрантите и оти е договорена соработка за да се избегнат едностраните национални мерки кои придонесле за хаосот во регионот.

Планот предвидува побрзо враќање на оние мигранти на кои не им е неопходна заштита, како и поголема соработка во врска со тоа со Авганистан, Бангладеш, Ирак и Пакистан.

„Верувам дека одлуките донесени со консензус од присутните на овој состанок ќе дадат придонес за поефикасно решавање на ситуацијата. Најпрвин во полза на оние на кои треба помош, но и за гаранција на стабилноста на европските институции“, рече германскиот канцелар Ангела Меркел.

Од друга страна, словенечкиот премиер Миро Церар по самитот изјави дека меѓу лидерите постоела загриженост од можноста за затворање на границите за мигрантите.

„Постои одреден страв во воздухот дека Германија, а следствено и Австрија, би можело да ги затворат своите граници, што би довело до домино ефект кој ќе биде катастрофален за Европа“, рече Церар кој сепак додаде дека Меркел рекла дека немала таква намера.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, пак, изјави дека разговарал со грчкиот премиер Алексис Ципрас во врска со потребата за размена на информации и податоци за прилив на мигрантите.

„На пример, од островите одат во Пиреја, а од таму во Македонија. Но, досега тоа беше без претходно известување до македонските власти. Немаше соработка меѓу полициските службеници и се договоривме дека е неопходна размена на информации на ниво на ресорните министерства, но и на ниво на влади, со цел да бидеме подготвени за справување со приливот на мигранти и бегалци“, рече Иванов.

Само годинава, според Меѓународната организација за миграција, над 680 илјади мигранти и бегалци преминаа во Европа по морски пат од Блискиот Исток, Африка и Азија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG