Достапни линкови

logo-print

Иванов: Ако не се држиме заедно - ќе висиме одделно


Ако не се држиме заедно - ќе висиме одделно, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска во Брисел, пред почетокот на мини Самитот на десет земји-членки на Европската унија со Македонија, Србија и Албанија, а посветен на бегалската криза.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Иванов се пожали на слабата соработка на Грција со Македонија околу мигрантите и дека тоа е клучното барање од македонска страна на овој состанок на највисоко ниво.

“Ова е момент кога треба да се покаже колку соседите меѓу себе се солидарни заедно да одговорат на предизвиците. Ние очекуваме дека Грција ќе соработува во поглед на оваа европска криза и дека ќе ги разменува податоците што се неопходни за да знаеме како да се справуваме, бидејќи имаме денови кога и до десет илјади бегалци ни доаѓаат на територија на Република Македонија. Комуникацијата со Грција ни е на многу ниско ниво. Немаме соработка меѓу министерства, ниту пак на владите” рече Иванов.

Запрашан што очекува од состанокот на Македонија со ЕУ за ова прашање, македонскиот претседател посочи дека ова е предизвик со кој не се соочува само ЕУ, туку и целиот европски континент и во таа пригода го цитираше основачот на Соединетите Американски Држави.

“Сега е момент да се покаже колку можеме ние да се соочиме со овој предизвик, бидејќи ова не е предизвик за ЕУ, туку ова е предизвик за целиот европски континент. Има една поучна мисла на Бенџамин Френклин и таа гласи: „Ако не се држиме заедно - ќе висиме одделно!”, порача претседателот Иванов.

XS
SM
MD
LG