Достапни линкови

logo-print

Острени - За Маѓар телеком не треба коментар, туку судско делување


Не треба коментар за аферата Маѓар телеком, треба судско делување, треба обвинителите да си ја вршат својата работа. Ако е тоа така, независно за кого се работи, вклучувајќи ме и мене, секој треба да одговара, вели лидерот на новоформираната партија Унитети Гзим Острени во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Острени, зошто нова партија?

Видете, по сè она што се случува во Македонија, не можејќи да делуваме преку партијата на којашто ѝ припаѓавме, а не се сложуваме, не со програмата, туку со она што се прави, затоа што се има обичај да се напише нешто, да се даде како програма, но течението да се одвива во друг правец. Ние се одлучивме да продолжиме со патот за кој одамна сме се договориле и да работиме за демократизација на Република Македонија, да се бориме против митото, корупцијата и против сите лица кои се издигнати над Уставот и законите.

Како ја коментирате аферата Маѓар телеком којашто на некој начин директно удира делумно и врз ДУИ?

Не треба коментар за такви состојби, треба судско делување, треба обвинителите да си ја вршат својата работа. Ако е тоа така, независно за кого се работи, вклучувајќи ме и мене, секој треба да одговара.

Доколку пропадне договорот од Пржино, каква е вашата прогноза, што понатаму?

Нема понатаму. Тој договор треба да се спроведе. Јас мислам дека треба да се смогнат сили да се тргне тој што го попречува тоа.

Кој е главната сопка во спроведувањето на договорот?

Сите велат дека таму учествуваат четири партии, а јас би рекол дека таму учествуваат две страни. На една страна се ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, а на другата се СДСМ. Оттука излегува потврдата дека ДУИ е вазал на ВМРО-ДПМНЕ. Решение е ако луѓето кои се виновни си одат, ако ја сакаат Македонија, но јас ценам дека повеќе се сакаат себеси отколку што ја сакаат Македонија.

Значи, според вас, кочничари на спроведувањето на договорот се владејачките партии плус ДПА?

Да, се гледа тоа, не треба да се биде многу паметен за тоа да се види. Кого штитат? Зошто да ги запреме „бомбите“ и со закон и да биде казнет некој уредник на медиум со пет години затвор, ако објави „бомба“. Тоа е апсурд. Решението треба да се бара во отстранување на последиците, а последиците се отстрануваат ако се отстранат причините. Која е причината што е Македонија тука каде што е? Толку години се на власт ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и кај кого сега ќе ја бараат причината зошто е ова вака? Затоа што така владееле. Едноставен е одговорот и затоа е потребно менување на менаџерите на состојбите.

Очекувате ли дека во април навистина ќе има избори земајќи ја предвид моменталната ситуација?

Народот вели јас ти го кажувам волкот, ти мене трагите. Овде нема траги, овде има волк и се гледа дека се оди кон тоа на секој начин да се одложат и да се развлече тоа и сега зависи колку ќе бидат флексибилни тие што одлучуваат. Не случајно и ЕУ и Американците се тука, не би дошле тие за еден ситен проблем, ова е ова е крупен проблем на Македонија, зашто ние постојано сме малолетници во политиката. Ние се караме и тие сега доаѓаат да нè смират и да ни го покажат патот каде треба да одиме. Во оваа ситуација во која повторно доаѓаат да ни кажат што да правиме, повторно ќе ја направиме истата грешка ако не се казнат оние кои ја довеле Македонија во оваа состојба. Да беа казнети порано оние кои ја направија состојбата немаше да дојде до ова. И сега ако заврши со неказнување и другите што ќе дојдат ќе се обидат да направат грешки. А за грешки се одговара и дома, во семејството, разводи на бракови се прават за грешки. Ние овде не сме во состојба да преземеме соодветни мерки, кога ќе седне човек, кој ќе добие авторитет за одлучување треба да размисли како ќе одлучува согласно законот и Уставот.

Целото интервју со Гзим Острени може да го погледнете на видеото на почетокот на текстот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG