Достапни линкови

Петра Цвелбар - Кога фотографирам оставам музика да ме води


Фотографката Петра Цвелбар. Фото: Жига Коритник.
Фотографката Петра Цвелбар. Фото: Жига Коритник.

„Слатка зависност“ беше насловена изложбата на фотографии на Словенката Петра Цвелбар, што во рамките на 34-от Скопски џез фестивал се одржа во Салонот на Македонската-опера и балет. За нејзината поставка на која беа изложени црно-бели фотографии снимени на фестивалите во Љубљана, Церкно, Марибор, Њујорк...и Скопје, ќе биде забележано дека е тоа несекојдневмо „лично патување на уметницата во скротувањето на зависноста од џез музиката“.

Суштината на убавината на музиката... кондензирана во еден поглед. Тоа е чувството што изминатите години фотографиите на Петра Цвелбар го предизвикуваат во нас – чувство на извонредна убавина! Нејзините фотографии се личен начин да се прикаже шармот на светот и да се сподели страста за џезот. За Петра е од витално значења да ја постигне оваа цел и да ѝ се предаде на таквата шармантна зависност.

Допирот со џез музиката кај мене започнува главно преку објективот. Но јас никогаш не го фотографирам целиот концерт, туку има моменти кога само седам и слушам.
Петра Цвелбар, фоторепортерка.

Ова во септември годинава, во Болоња, Италија, во инспиративниот текст посветен на изложбата на словенечката фоторепортерка Петра Цвелбар, ќе го забележи Лука Витали, еден од оснивачите на Јуроп џез медиа – заедницата на џез новинари, медиумски професионалци и продуценти. Што е уште поважно неговото воодушевување ќе биде крунисано со следните зборови: „Слатка зависност” е повеќе од изложба: тоа е личното патување на Петра во „скротувањето“ на зависноста од џез музиката.

А, токму тоа „лично патување“ на фантастичната Цвелбар, во кое патем таа трага по „деликатните музички пространства, далеку од патеката на мејнстримот“, можевме да го видиме и во Салонот на МОБ, на штотуку завршениот 34. Скопски џез фестивал.

И, уште збор – два околу сликата за уметницата. Петра е родена и живее во Љубљана. Интерес за фотографија пројавила во средношколските денови, а во тој свет ја вовел прерано починатиот словенечки сликар и фотограф Душан Пирих Хуп. Како студент по културолошки студии на Факултетот за социјални науки во Љубљана, таа посетувала и курсеви по фотографија. По завршувањето на студиите, одреден период делувала како графички дизајнер, а во моментов работи како арт-директор на словенечката едиција на магазинот “Космополитан”.

Нејзиниот интерес кон фотографијата особено бил разгорен во 2008 година, кога на една изложба во Бохињ го среќава нам добро познатиот словенечки фотограф Жига Коритник. Оттогаш, таа е комплетно посветена на фотографијата и на музиката, двете нешта кои се неразделив дел од нејзиниот живот. И уште ова: нејзините дела досега биле изложени на 14 самостојни и групни изложби.

„Допирот со џез музиката кај мене започнува главно преку објективот. Но јас никогаш не го фотографирам целиот концерт, туку има моменти кога само седам и слушам. Подоцна истото го правам и кога работам на фотографиите пред компјутер. Едноставно мора да има звук што знае да ме понесе. Тогаш ги слушам албумите на музичарите што сум ги фотографирала или некои што во меѓувреме сум ги набавила. Музиката е секогаш со мене, додека работам, додека возам, читам, шетам...и сега дефинитивно сум „печена“ зависничка од џезот “, вели Цвелбар.

Говорејќи за „Слатка зависност”, таа знае да каже дека сторијата за оваа постановка започнала во 2011 година кога своите џез фотографии најнапред и ги понудила на љубљанската публика, за да по цели четири години, за 34-от Скопски џез фестивал, направи компилација од своите најдобри црно-бели снимки досега.

„Никогаш не размислувам каква треба да биде фотографијата. Кај мене има многу емоции. Како што чувствувам така и работам. Такви се и фотографиите. Не сум рационален тип за да би кажала – е сега ова ќе биде така и така. Го следам она што ми се бендисува и не се оптоварувам со тоа каква ќе биде мојата фотографија. Само ја следам музиката и го слушам биењето на срцето, чувствата што притоа се раѓаат. Затоа пред секој концерт морам да се смирам. Тогаш и не сакам да си прикажувам со колегите. И кога ќе се сконцентрирам, кога навистина ќе се смирам оставам музиката да ме води. Ако е концертот добар, ако е музиката инспиративна ...тогаш оставам таа да ме одведе некаде. И, ќе повторам: се е до чувството. Добро, технички знам што треба да се направи во одреден момент, какво да биде светлото...но сето тоа е интуитивно. Тоа е во мене. Јас само замолчувам, почнувам да ја слушам музиката и оставам таа да ме води.“

Инаку, како и мнозина нејзини колеги и Цвелбар, во времево на економска криза, вообичаено го користи годишниот одмор за да фотографира на џез фестивалите што се одржуваат во овој дел од Европа и во САД.

„Главно ги комбинирам деновите од одморот со периодот кога се случуваат џез фестивалите во регионот и во светот. И едноставно одам таму за да фотографирам. За да ја задоволам таа моја страст што ги обединува фотографијата и џезот. Всушност, за себе можам да кажам дека сум со „два живота“. Како графички дизајнер во „Космополитен“ денски работам со бои, а навечер како некоја утеха ...впловувам во црно-белиот свет на импровизираната музика.“

Конечно, Петра Цвелбар на Скопскиот џез фестивал е присутна во последнава половина декада. Вели дека имала среќа Оливер Белопета да забележи како фотографира и како ја слуша музиката додека твори. Затоа како човек кој и самиот фотографира на концертите, како личност што ја цени фотографијата во џезот и кој во неа најпосле препознал врвен фотограф, едноставно ја поканил да снима на Фестивалот.

„Кога сум во Скопје снимам сцени и на Бит пазар, на улиците во градот...Едноставно ловам мигови што би биле интересни за мојот објектив. Од друга страна, овде луѓето се феноменални. Никаде на светот нема толку срдечни и гостопримливи луѓе како во Скопје, како во Македонија. Затоа и се чувствувам прекрасно и постојано доаѓам. Но, што се однесува до оваа „нова архитектура“ таа нималку не му прилега на градот. Вака Скопје, веројатно како и на мнозина други намерници, ми личи како на некаква копија на Дизниленд. Но и тоа е неважно во контекст на нашата приказна. Скопски џез фестивал е еден од најдобрите на светот токму поради луѓето што го организираат.Дури мислам дека и музичарите го чувствуваат тоа. Голем дел од овие концерти сум ги видела и чула и на други фестивалски сцени, но овде звучат сепак посебно. Подобро. Тоа е веројатно така бидејќи така се чувствуваат и џез музичарите и ние што го следиме фестивалот. Тогаш се создава таа посебна и единствена хемија. Мене лично, без никаква двојба, ова ми е еден од најубавите фестивали на кои сум фотографирала досега.“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG