Достапни линкови

Подалеку и од ЕУ и од НАТО


Губењето на препораката е можно поради длабоката политичка криза, но дел од аналитичарите сметаат дека тоа нема да се случи зашто ЕУ на тој начин ќе ги изгуби механизмите за притисок врз Македонија.

Оваа година постои најреална опасност на Македонија да и биде одземена препораката за почеток на преговорите со Европската унија, оценуваат некои аналитичари, откако спроведувањето на договорот од Пржино е ставено под знак прашалник.

Јас лично верувам дека нема да се случи тоа, затоа што доколку се одземе препораката, ќе се одземат и доста форми и простор за притисок од страна на Европската комисија. Одземањето на препораката може да значи долги години да не можеме да ја вратиме назад. Опасност постои, но сепак тоа зависи од Европската комисија.
Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование.

Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование вели дека губењето на препораката е можно поради длабоката политичка криза и политичкиот и институционален хаос во кој се наоѓа земјата, предизвикан пред сè од неодговорноста на владејачката партија.

„Мислам дека тоа е едно свесно водење на Македонија во сценарио на губење на препораката и веројатно тргање на притисокот од Европската унија за премиерот и за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во овој момент владеачката партија е под најголем притисок од кога било да не се отстапи од тие договорени работи во Пржино“, вели Маричиќ.

Тој коментира дека договорот од Пржино и извештајот на Прибе се основата на нашата европската интеграција во овој момент и доколку не се спроведуваат, спред него, возможно е Комисијата да ја одземе препораката за Македонија.

„Но, јас лично верувам дека нема да се случи тоа, затоа што доколку се одземе препораката, ќе се одземат и доста форми и простор за притисок од страна на Европската комисија. Одземањето на препораката може да значи долги години да не можеме да ја вратиме назад. Опасност постои, но сепак тоа зависи од Европската комисија дали ќе одлучи да крене раце од Македонија или дали и натаму да прави напори да нè извлече од оваа политичка криза“, вели Маричиќ.

Во насока на очекувањата за критиките што ќе бидат содржани во извештајот на Европската комисија, Маричиќ вели дека во голем дел ќе бидат посветени на политичкиот дијалог, на корупцијата од случајот со „бомбите“, на состојбата во медиумите, реформите околу изборите, како еден од клучните извори на политичката криза, работата на судството и опструкциите кон Специјалното јавно обвинителство.

НАТО се проширува?
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:17 0:00

Македонија назадува и во однос на интеграцијата во НАТО и покрај проблемот со името како главна пречка, вели поранешниот амбасадор во Северноатлантската алијанса, Нано Ружин. Тој истакнува дека западниот сојуз не сака да прима нестабилни членки во своите редови.

„Македонија, напротив се наоѓа во многу полоша состојба во смисла на исполнување на реформите од 2006 и 2008 година, па дури и од 2004 година кога бевме лидер меѓу државите членки на Јадранската групација на држави. Денеска ваква Македонија во политичка криза нема шанси да влезе во НАТО, бидејќи основниот принцип во НАТО, не е да и помогнеме на Македонија за да се стабилизира со членството, туку што и на кој начин Македонија би придонела кон јакнење на Алијансата. Во овој случај Македонија само може да делува дестабилизирачки додека не ја надмине сопствената внатрешна политичка криза“, вели Ружин.

Еврокомесарот Јоханес Хан замина разочаран од Македонија поради непостигнувањето на напредок за договорот од Пржино. Високи извори од СДСМ вклучени во преговорите брифираа дека е неизвесна и препораката за почетокот на преговорите за членството на земјава во Европската унија, нешто што се очекува да стане јасно по објавувањето на извештајот за напредокот идната недела.

Во меѓувреме, странците официјално не се изјаснуваат за неговата содржина, но очекувањата на аналитичарите се дека по неуспехот на Пржино и кризата во земјава тој ќе содржи сериозни критики.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG