Достапни линкови

ЕУ и натаму без одговор што со мигрантите


ЕУ и натаму без одговор што со мигрантите
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:07 0:00

ЕУ и натаму без одговор што со мигрантите

На собирот на европските конзервативни партии во Мадрид, различни мислења за тоа како Европа да се справи со големиот мигрантски бран. Германската канцеларка Ангела Меркел бара хуман третман за сите кои пристигнале во Европа, додека некои евро лидери и натаму бараат нивно враќање и затворање на границите.

Ангела Меркел инсистира на тоа дека Европа мора да ги брани нејзините принципи и кога се соочува со мигрантската криза.

„Секоја личност која пристигнува во Европа има право да биде третирана како личност. Имаме документ за човекови права што ние го измисливме и тој е основа за секој да биде третиран на хуман начин“, изјави Меркел, обраќајќи се на собирот на лидерите на европските конзервативни партии во Мадрид.

Со ова не се согласуваат дел од нив со што уште еднаш се покажаа тешкотиите со кои се соочува континентот во постигнувањето консензус со пристигнувањето на стотиците илјади бегалци и мигранти.

Она со што се соочуваме не е бегалска криза. Ова е миграциско движење на економски мигранти, бегалци и странски борци. Европа не е во состојба да ги прифати сите што сакаат подобар живот.
Виктор Орбан, премиер на Унгарија.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, на пример, е за поголемо затворање на границите и репатриација на мигрантите.

„Она со што се соочуваме не е бегалска криза. Ова е миграциско движење на економски мигранти, бегалци и странски борци. Европа не е во состојба да ги прифати сите што сакаат подобар живот. Треба да им помогнеме достоинствено да му се вратат на нивниот живот и треба да ги испратиме назад во нивните земји“, рече Орбан.

За Меркел, обврска на Европа како попросперитетен регион, е да им помага на земјите како Турција, Либан и Јордан каде што има милиони бегалци.

Според неа, едно од најзначајните прашања е да се прави разлика меѓу економските мигранти и бегалците.

„Важно е да се забележи дека не сите ќе можат да останат тука. Иако тоа ги повредува нашите срца, оние што имаат само економски причини, треба да ја напуштат Европа, бидејќи не ќе можеме да им помогнеме на оние на кои навистина им треба помош“, рече Меркел.

Поранешниот француски претседател Никола Саркози оцени дека Европа се соочува со сериозна криза невидена досега во историјата на европскиот континент.

На таа криза, според него, не може да се одговори со застарен Шенгенскиот договор кој се распаѓа.

„На овој проблем мора да одговориме со солидарност со Европјаните кои предлагаат нов Шенген. Ние мора да се создадеме нова заедничка европска политика“, рече Саркози.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер ги критикуваше членките на Европската унија за тоа што не ја даваат ветената хуманитарна помош за справување со мигрантската криза.

„Кризата со која се соочуваме нема да заврши до Божиќ. Таа ќе трае и затоа е неопходна долгорочна акција“, изјави тој на собирот на европските конзервативни партии во Мадрид.

Членките на Унијата ветија над 2 милијарди и 300 милиони евра, но досега дале само 275 милиони евра за справување со кризата.

Жан Клод Јункер повика неколку европски лидери, меѓу нив Меркел и Орбан, да учествуваат на вонредниот собир на шефовите на држави и влади на земјите од Балканот кој ќе биде посветен на мигрантската криза.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG