Достапни линкови

logo-print

Македонија не може да функционира без олеснувачи


Прегазувањето на роковите од договорот од Пржино, пораките на Ванхауте - ако нема договор, нема избори, обвинителството на Јанева, средношколците протести, топ тема во дневните весници.

Македонија, како што се чини, не може да функционира без медијатори и олеснувачи. Кога има проблеми, се разбира. Но, изгледа овој пат, „Ни САД ни ЕУ не можат да ги вразумат македонските лидери“, наслови Утрински, за да додаде: „Преговарачка агонија во Пржино“. А Нова Македонија излезе со наслов: „Хан повторно разочаран, роковите прегазени“.

Ни САД ни ЕУ не можат да ги вразумат македонските лидери.Преговарачка агонија во Пржино.

Но изјавата на олеснувачот Ванхауте дека: „Нема договор, нема избори“, како што пренесе Утрински, предизвика буквално лавина од напади од провладините весници. Со голема фотографија на Белгијанецот на која е претставен како некогашниот белгискиот цар Леополд, Вечер пишува: „Белгиецот Ванхауте денеска ги укина државата и уставните институции. Тој е царот Леополд!“. Дневник, пак, наслови: „Филозоф со балкански манири - Ванхауте сам си ги одложува изборите и избира пред кои новинари ќе зборува“.

И Вечер и Дневник остро го напаѓаат и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Вечер во наслов кажува свое видување за неговото однесување во преговорите: „Услови, уцени, лаги, манипулации - Заев бара или негова партиска држава или ништо!“. А Дневник смета дека:„Не му е само до гласањето - Заев ја сака целата власт во министерствата, не само контрола на изборите“.

Втора најтретирана тема во печатот: „Обвинителите на Јанева повторно извисија - Аневски не го интересираат политички договори, барањето на Јанева за избор на втората половина обвинители не беше ставено на дневен ред на Советот“, наслови Утрински, а Дневник пишува: „Судир меѓу Специјалното обвинителство и Советот на обвинители - обвинителите на Јанева го бојкотираа Аневски и не дојдоа да положат заклетва“. Но затоа, Слободен печат потсетува дека Обвинителството на Зврлевски„ни да зуцне за пиштолот на Мијалков“.

Филозоф со балкански манири - Ванхауте сам си ги одложува изборите и избира пред кои новинари ќе зборува.

Помина и средношколскиот протест против лошите образовни реформи, а „Средношколците се жалат на притисоци од страна на директорите на училиштата“ - информира само Утрински. Вечер повторно со свое видување на работите, па оди со наслов: „Пленумите продолжена рака на Сорос - СДСМ повторно ги заведе средношколците“.

Утрински потсетува дека во моментот, во најбогатите земји на ЕУ, има повеќе Македонци отколку во Битола, Прилеп и Тетово заедно, поточно над 200.000 наши граѓани што дополнително со прекуокеанските земји создава стравотна бројка дека од Македонија се иселило четвртина од населението. Главно високообразовани млади луѓе“, забележува Утрински.

И на крај, на кој до што му е: Вечер информира за „Стефчо и 550 жени во манастир“. Имено, градоначалникот на Карпош кој спред весникот многу се грижел за понежниот пол од општината им организирал излет на жените во неговиот роден крај и во манастирот Свети Јоаким Осоговски, па поиграл и оро со нив и им испеал една своја омилена српска песна. А ги почастил и со сендвичи, кроасанчиња и сокче.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG