Достапни линкови

logo-print

Само пратеникот Амди Бајрам ги слуша и туѓите аргументи


Никој не ги слуша аргументите на другите пратеници, а пратеничките, иако се помалку, повеќе дискутирале во Собранието, покажува мониторингот на работата на парламентот.

Сиромашна дискусија со малку реплики и контрареплики, во која жените зборувале повеќе од мажите, и речиси никакво осврнување на вредноста на туѓите аргументи, се дел од заклучоците од мониторингот на квалитетот на дебатата во Собранието од јуни 2014 до мај 2015 година.

Само во еден случај во целиот овој период во кој анализиравме над 2.200 говори имаме забележано дека еден пратеник укажал дека ја менува својата позиција поради подобар аргумент изнесен во текот на дискусијата. Можам веднаш да го кажам, тоа е пратеникот Амди Бајрам.

Мониторингот го спроведе Институтот за демократија Социетас цивилис во рамки на проектот „Собранието под лупа – засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“.

Резултатите покажуваат дека, иако само една третина од пратениците се жени, на нив отпаѓаат половина од дискусиите и дури 72 отсто од контрарепликите, со што допринеле до продлабочување на дискусијата. Најголем дел од дискусиите во овој период, односно 72 отсто, се говори на пратениците, додека само 14 отсто се реплики, односно, како што се наведува во анализата: „голем дел од изнесените аргументи во говорите воопшто не беа предизвикани од други говорници за преку аргументирана дискусија да се тестира нивната издржаност и оправданост“.

Во две третини од случаите говорниците воопшто не се осврнале на аргументи изнесени од други говорници на седниците. Пратениците на седниците доаѓаат со забетонирани позиции и не покажуваат спремност да ги прифатат аргументите на другата страна, вели раководителот на проектот Јане Димески.

„Само во еден случај во целиот овој период во кој анализиравме над 2.200 говори имаме забележано дека еден пратеник укажал дека ја менува својата позиција поради подобар аргумент изнесен во текот на дискусијата. Можам веднаш да го кажам, тоа е пратеникот Амди Бајрам и тоа беше на почетокот од работата на овој состав на парламентот, којшто по дискусија од страна на пратеничката Роза Топузова Кареска укажа дека нејзиниот аргумент е подобар и дека тој ќе го смени својот став. Втор таков случај немаме идентификувано во целиот овој период“, вели тој.

Димески посочува дека ова сепак бил нетипичен период во работењето на парламентот со оглед на тоа што најголемата опозициска коалиција ја бојкотираше неговата работа.

„Сметам дека одлуките коишто ги донел тој состав се значително посиромашни отколку што би можело да бидат кога би имало ефективна опозиција којашто би ги надополнила овие гледишта со свои аргументи“, вели тој.

Јован Близнаковски од Институтот за демократија вели дека на поразителните податоци за интеракцијата на пратениците во парламентот и степенот на аргументираност во говорите влијаат и деловничките измени за ограничување на времето на дискутирање.

„Сите овие воведени правила практично се многу различни од компаративната практика во други парламенти и не им овозможуваат на пратениците успешно да дебатираат што би довело до поквалитетни закони и воедно со тоа се ослабува и улогата на парламентот како контролор на извршната власт. Во таа насока се залагаме за промени во деловникот и практично враќање на некои деловнички решенија во ова поле што беа актуелни од 2002 до 2008 година“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG