Достапни линкови

logo-print

Зошто Асад и Путин се сретнаа во Москва?


Три недели од почетокот на руските воздушни напади, сирискиот претседател Башар ал Асад за прв пат во изминативе четири години ја напушти земјата и отпатува за Москва за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Што е тоа што оваа средба прави да биде толку значајна?

Русија ги бомбардира бунтовничките позиции од крајот на минатиот месец со што му овозможува на сирискиот режим да ги зацврсти своите позиции на теренот по неколкумесечната дефанзива.

Но, воената поддршка на Асад е само дел од руската стратегија во Сирија.

Вториот е отворање меѓународни преговори со цел ставање крај на граѓанската војна во таа земја.

Посетата на Асад на Кремљ сега би можело да биде сигнал за официјален старт на дипломатската активност на Москва.

Јасно е дека Русија не сака долгорочна воена операција во Сирија, туку да создаде услови за почеток на преговарачки процес меѓу владата и бунтовниците.

Со оваа посета Асад покажува дека и натаму функционира како шеф на државата.

„Посетата демонстрира дека Асад помалку или повеќе е уверен во стабилноста на ситуацијата во земјата“, вели Николај Козанов, аналитичар во Карнеџи центарот во Москва.

Според него, посетата исто така покажува дека руските воздушни напади постигнале барем една цел: зајакнување на владејачкиот режим.

Следниот чекор би бил силен руски притисок врз светските сили за разговори со Сирија.

Од друга страна, Западот и Турција досега инсистираат Асад да не биде дел од решението на конфликтот. Путин и Асад, по се изгледа, во Москва отворено зборувале и иднината на сирискиот лидер.

Некои аналитичари веруваат дека и двајцата сфаќаат оти Асад би требало да се повлече за да го расчисти патот за нова влада во Сирија.

„Јасно е дека Русија не сака долгорочна воена операција во Сирија, туку да создаде услови за почеток на преговарачки процес меѓу владата и бунтовниците“, вели Козанов.

Но, и доколку Асад е подготвен да се повлече, останува нејасно кога тоа би можело да се случи.

Некои западни земји веќе почнаа да го омекнуваат ставот во врска со неговото заминување.

„Секако постои и можноста Асад да побара азил во Русија, а тоа како идеја постои уште од почетокот на бунтот против него“, вели Тед Карасик, аналитичар од Вашингтон.

Вториот голем сириски сојузник Иран исто така би сакал да им се приклучи на евентуалните мировни преговори, но засега останува во позадина поради меѓународниот интерес во врска со договорот со светските сили за неговата нуклеарна програма.

Токму затоа, според Карасик, Асад за прва своја посета во странство ја одбра Москва, а не Техеран.

„Јасно е дека Русија работи заедно со Иран на воените решенија против екстремистите во Сирија“, вели Карасик, кој сепак не ја остава затворена можноста ваквото сојузништво да се распадне поради различните интереси на теренот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG