Достапни линкови

Сè подалеку од ЕУ и сè повеќе забелешки


Државата наместо да ги коригира укажаните забелшки за евидентните погрешни насоки по кои се движиме, ние од година во година влегуваме во подлабока криза, која нè оддалечува од европската стратегија, истакнуваат дел од аналитичарите.

Македонија сè повеќе се оддалечува и лошо го спроведува нејзиниот евроинтергациски пат, оценуваат експертите, анализирајќи ги досегашните, во низа, осум години по ред извештаи на Европската комисија за напредокот на земјава, во кои се нотираат сè повеќе забелешки и проблеми како што истекува времето.

Лани основните прашање беа независноста на судството, политизацијата на јавната администрација, слободата на медиумите, потоа и меѓуетничките односи. Во сите овие полиња немаме напредок. Новите се апсолутно сите прашања поврзани со следењето на комуникациите.
Малинка Ристовска-Јорданова, Институт за европска политика.

Прв пат во 2005 година, кога го добивме статусот на придружна членка, решавањето на прашањето со проблемот за името се посочуваше како најважен фактор за влез на Македонија во европските организации. Но, оттогаш, сè повеќе проблеми се таложат во извештаите од Европската комисија и на земјата постојано и се додаваат нови забелешки и услови кои таа треба да ги исполни. Државата, наместо да ги коригира укажаните забелешки за евидентните погрешни насоки по кои се движиме, ние од година во година влегуваме во подлабока криза, која нè оддалечува од европската стратегија, истакнуваат дел од аналитичарите. И во документот на тимот предводен од Прибе се мултиплицираат критични проблеми во повеќе области меѓу кои судството, народниот правобранител, безбедносните служби, медиумите, изборите и проблемите со корупцијата.

Виси кандидатскиот статус

Во извештајот на Прибе за првпат се апострофира работата на Управата за безбедност и контраразузнавање, посочувајќи дека ги пречекорувала законските овластувања и работела за да се контролираат официјални претставници, обвинители, судии и политички опоненти, со консеквентно мешање во независноста на судството и на другите институции. Дека држававта оди наназад зборува и податокот на Фридом Хаус, каде на листата на нации во транзиција, Македонија во 2014 година е ставена во категоријата каде што беше пред 10 години. Оттаму посочуваат дека падот се должи на влошувањето на состојбата со независните медиуми во земјата. Фридом Хаус оценува дека земјата била парализирана од политичката криза, која еруптирала на крајот на 2012 година. Се посочува и на настаните од 24 декември и тоа што му претходеше и следуваше потоа.

Во пресрет на најновиот Извештај за напредокот на земјава, земајќи ги предвид актуелните политички случувања, дел од експерите одат со предупредувачки прогнози. Тие сметаат дека не е исклучено сценарио во кое земјава може и да ја загуби препораката за кандидатскиот статус земја-членка на ЕУ, доколку продолжи со одложувањето на реализацијата на договорот од Пржино. И европратеникот Иво Вајгал, посочи дека доколку договорот од Пржино не биде имплементиран Македонија ќе биде во голема криза. Останува и нејасно кој ќе ја понесе одговорноста во земјава доколку продолжат политичките превирања, уназадувања и одалечувања на земјата од евроатланските интеграции. Збунува и фактот што и покрај прозивките од меѓународната заедница за поактивно учество во решавање на проблемот со името, никој од власта не си припиша негативни поени за тапкањето во место со години наназад за овој проблем кое е суштествен за влезот на Македонија во Европската унија.

Нема политичка волја за приближување кон ЕУ

Малинка Ристовска-Јорданова од Институтот за европска политика вели дека проблемот во кој се наоѓа земјава е поради отсуство на политичка волја кај Владата да се надминат забелешките во досегашните извештаи. Ристовска-Јорданова објаснува дека од сите забелешки нотирани од Европската комисија, единствено решен е проблемот на отсуството на опозицијата во Парламентот, додека другите сериозни критики во повеќе области остануваат отворени и со неизвесен исход.

„Лани основните прашање беа независноста на судството, политизацијата на јавната администрација, слободата на медиумите, потоа и меѓуетничките односи. Во сите овие полиња немаме напредок. Новите се апсолутно сите прашања поврзани со следењето на комуникациите и сè она што е во извештајот на Прибе и што е попотенцирано од минатата година. Тука е независноста на институциите, функционирањето на телата што треба да бидат независни,прашањето на контролата на безбедносните служби, што повторно доаѓа на дневен ред по извесен период кога се чинеше дека е апсорбирано на некој начин“, вели Малинка Ристовска-Јорданова од Институтот за Европска политика.

Кризата го одложи извештајот

И според поранешниот дипломат Благој Зашов причината за забавениот пат кон Европската унија и моменталната политичката криза е во тоа што остануваат и понатаму неисполнети условите кои се бараат во извештаите за напредок на земјава. Тој посочува дека тимовите кои ги пишуваат европските извештаи целосно ја мониторираат државата и дополнува дека одложувањето на годинешнот извештај за напредокот на земјата е поради политичката криза.

„Една по една од тие грешки или тие услови што ни се поставуваат не се решаваат и само се зголемува бројот на услови што треба да ги исполниме. Оние што треба да одлучуваат за нашиот прием водат сметка за тоа до каде стигнала демократијата и слободата на медиуми и сите елементи кои се содржани во тие услови и оттука дават оценки секоја година, па еве и оваа година, со тоа што се одложува оценката за годинава. Тоа е заради внатрешните состојби во кои се наоѓа Македонија. Оваа ситуација во која е дојдена Македонија и кризата политичка во која се наоѓа е последица на сите случувања, односно на она што се чинеше и не чинеше во некои ситуации, а што требаше да се чини во поглед на човековите права, слобода на медиуми, правната држава и се друго што е поврзано со демократијата за која ЕУ инсистира секоја земја кандидат да се приближи до критериумите што таа ги поставува“, вели Зашов.

Не е само името проблем

Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека Владата во одреден период како главен проблем за невлегување во евроатланските организации го прикажуваше нерешнениот проблем со името, но тој забележува дека од 2008 годнина кога Македонија не влезе во НАТО, интеграцијата веќе не е главен приоритет на Владата и дека оттогаш списокот со забелешки се зголемува секоја година.

Муслиу со впечаток дека граѓаните не се целосно информирани зошто Македонија толку време тапка пред вратата на Европската унија и посочува дека во јавниот дискурс европските трендови не се присутни како што е случај во другите земји кандидатки за влез во Европа.

„Иако тенденција на владата била како главен проблем да го прикажува спорот со името, за жал, од 2006 кога почнаваме да добиваме препораки списокот со забелешки ни се зголемува секоја година. Така добиваме дополнително слобода на медиуми, човекови права и политички дијалог. Политичкиот дијалог беше последниот кој се надополни на тој поголемиот список на партизирано судство, партизирана администрација, корупција и слично. На тоа укажувавме од почетокот дека тоа се случува затоа што мислам дека евроатланската интеграција, особено после Букурешкиот самит не беа главниот приоритет на владата. Мислам дека од тој ден имаме регрес во сиот тој процес на евро- атланските интеграции“, вели Муслиу.

Експертите се категорични дека во пресрет на најновиот извештај, клучниот проблем е политичката криза. Тие велат дека може и да ја изгубиме препораката и дека од тие причини се одложува извештајот за да и се даде можност и шанса да ги надминеме политичките блокади со кои се соочува земјава. Во спротивно според Малинка Ристовска-Јорданова, европскиот пат на Македонија ќе биде многу потежок. Таа посочува дека е неизвесно трпението на Европа поради несериозноста во спроведувањето на договорот од Пржино.

„Нивниот праг на толеранција е истенчен и ако продлжи вака особено со неспроведувањето и опструкциите на договорот од Пржино, мислам дека декемврискиот самит ќе биде критичен. Мислам дека борбата во институциите на ЕУ околу одземањето на препораката е започната. Значи да се врати пак европската агенда назад ќе биде многу тешко за која било влада. И затоа тие се упорни да имаме доволно точки кои ќе може да ги претстават во извештајот за да се задржи препораката. Но ако се продолжи со инает, тогаш можно е и тоа да се случи“, вели таа.

Ќе биде ли Европа стрплива?

Тоа се такви прашања чие решавање досега не можеше да се фиксира со некои датуми, дали е неколку дена порано или неколку дена или недела-две подоцна, не е ни толку битно. Мислам дека тие рокови може да се надоместат со поинтезивна работа на Парламентот, на работните групи, на обвинителството кое уште не ја презело својата функција.
Димитар Мирчев, универзитетски професор.

Поранешниот дипломат и аналитичар Димитар Мирчев не е скептичен за трпеливоста на Европа кога е во прашање Македонија. Тој посочува дека пробивањето на датумите во договорот од Пржино нема да предизвикаат позначајна штета на државава во очите на Европската унија.

„Тоа се такви прашања чие решавање досега не можеше да се фиксира со некои датуми, дали е неколку дена порано или неколку дена или недела-две подоцна, не е ни толку битно. Мислам дека тие рокови може да се надоместат со поинтезивна работа на Парламентот, на работните групи, на обвинителството кое уште не ја презело својата функција. Не верувам дека од ова може да настанат некои големи политички штети, а особено па не гледам во што би била нетолерантноста на ЕУ, бидејќи ако се исполнат овие услови државата ќе профункционира на нормален начин и нема да има никаква потреба од критички забелешки, туку напротив од охрабрување, од помагање на тие процеси и слично“, вели Мирчев.

Тој е оптимист и не верува дека Македонија ќе ја изгуби препораката за кандидатски статус, ниту се согласува со дел од експерите кои сметаат дека осум години по ред добиваме негативни извештаи.

„Не мислам дека многу се повторуваат оценките од претходните извештаи, напротив реализирајќи ги нив гледам дека нема особено нови забелешки, освен имплементација на законодавството во различни области и на недостатокот на политичка волја или пак на административен капацитет да се остварат тие законодавни одредби, стратегии на владата и сл. Па и минатата година извештајот не беше толку критичен, освен во однос на функционирање на парламентаризмот, политичкиот дијалог и слично“, вели Мирчев.

Аналитичарот Алберт Муслиу, пак, смета дека Владата е многу суетна кога е во прашање толкување на извештаите од Европската комисија, додавајќи дека најчесто таа ги потенцира само позитивните нотирања, создавајќи погрешна слика дека вистинската пречка во евроатланските интеграции е проблемот со името.

„Нам како јавност од 2008 ни се укажуваше дека единствениот и главниот проблем ни е спорот со Грција со името, а вистината и извештаите на ЕК не се негираа од нашите институции. Од 2006 јас не сум слушнал да има забелеша од владата на препораките и забелешките кои ни ги даваат европските институции. Тие се прифаќаат како такви, но како што е нормално во таа европска дипломатија вокабуларот кој се користи таму е дипломатски и нашите институции наоѓаа начин како тие дипломатски зборови во извештаите да ги спинуваат и да ги прикажуваат како напредок, а од друга страна списокот со забелешки ни се зголемува“, вели Муслиу.

Овој проблем е наш голем изговор кај политичарите, никој со него не сака да се зафати и оттаму и тешко се поставува прашањето за одговорност.
Денко Малески, универзитетски професор.

Професор Денко Малески посочува дека нерешениот проблем со името е реален, но дека политичарите не смеат да го користат како изговор за нерешениот европски статус на Македонија, ниту да го користат за популистички цели на избори.

„Овој проблем е наш голем изговор кај политичарите, никој со него не сака да се зафати и оттаму и тешко се поставува прашањето за одговорност, бидејќи одговорот секогаш од наша страна до нашата јавност е па видите самиот факт дека имаме препорака е дека добро работиме, но има една држава која што нè блокира. Затоа мора да работиме во насока да ги разрешиме овие проблеми и да се воспостави една нормална релација меѓу народот и политичарите. Политичарите да одговараат за своите постапки за остварување или неостварување на целите. Оти стретешките цели ги поставивме во 1991 година дека нашата држава треба да стане членка на НАТО и ЕУ, дека ние работиме во таа насока. Но изговорот секогаш е дека ние сме блокирани. Изговорот не е без основа, но ги меша работите внатре и критериумите се тотално изместени“, вели Малески.

Дел од експертите потенцираат дека досега не видовме некој од Владата да понесе политичка одговорност за низата забелешки коишто се провлекуваат последните неколку години, со што се забавува темпото со кое Македонија се движи кон ЕУ.

Благој Зашов смета дека политичката одговорност се решава на легитимни и слободни демократски избори кадешто граѓаните одлучуваат дали во вистинска насока се движи Македонија.

„Но за жал ние последните години, од 2008, се некако имаме избори кои не се редовни на секои 4 години, туку од интересот на владејачката структура се закажуваат вонредни избори. На следните избори конечно треба граѓаните да оценат, но на слободни избори, кој и што работел досега, дали е постигнато тоа што било ветено и на тој начин да го кажат својот глас, дали некој треба да си отиде од политичката сцена“, вели Зашов.

Но, останува неизвесно и отворено прашањето дали воопшто ќе се одржат избори напролет, земајќи го предвид непочитувањето и пробивањето на датумите во договорот од Пржино. Деновиве дојдоа повеќе предупредувања дека ако договорот од Пржино не се реализира, политичката криза ќе се продлабочи. На сериозноста на ситуацијата укажуваат и последните пораки дека нереализирањето на договорот може да имплицира и некои македонски политичари да бидат ставени на црните листи и нивните странски сметки да бидат замрзнати. На потег се политичарите.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG