Достапни линкови

Кардалевска со „Животинска фарма“ во театар за деца и младинци


„Животинска фарма“, работена според култниот роман на Џорџ Орвел во режија на Александра Кардалевска, е најновата претстава на репертоарот на Театарот за деца и младинци од Скопје. Станува збор за постојано актуелна политичка и уметничка тема и за проект кој силно ги жигосува борбата за власт, злоупотребата на власта, современото угнетување... Улогите ги толкуваат Владимир Лазовски, Ненад Митевски, Мики Анчевски, Бојан Кирковски, Предраг Павловски, Изабела Новотни, Катарина Илиевска-Силјановска и други, драматизацијата е на Драгана Лукан Николовски, а музиката на БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА.

Александра Кардалевска, по „Сексуалните неврози на нашите родители“, „Лет над кукавичјото гнездо“, „Институт“, „Кокошка“ и „ Хамлет во пикантен сос“ ...претстави кои на виделина појасно го донесоа нејзиниот специфичен творечки ракопис и младешката енергија, на сцената на Тетарот за деца и младинци го исправа еден од двата култни романи на големиот Џорџ Орвел - „Животинска фарма“.

Претставата зборува за борба за власт, за злоупотреба на власта, а за сето тоа да биде возможно вметната е една цела приказна за сеопфатна машинерија на современото угнетување, за нешто што порано се викаше пропаганда, а сега политички маркетинг, значи еден севкупен систем со кој се контролира мислата на населението.

Ова дело опишува бунт на фарма која животните ја преземаат од сопственикот Џонс, сакајќи поубав свет без доминација на луѓето. Преку текстот авторот всушност на сатиричен начин ги прикажува случувањата во Русија помеѓу двете светски војни, со алузии за предавството на Руската револуција од страна на Сталин и неговите следбеници, чистките, монтираните процеси, злоупотреба на народот од новата елита...

Од таму сосема разбирливо е кога во пресрет на премиерата Кардалевска знае да каже дека со секое негово препрочитување сфатила дека оваа тема е наново и наново актуелна. И дека прилега на времето во кое ние живееме. Дека е наша реалност, нешто што нам ни се случува во општествени рамки.

„Не може да не се зборува за еден политички контекст што е присутен внатре во самата приказна, меѓутоа мислам дека во исто време тој е многу универзален и нешто што е актуелно и атрактивно за нашето секојдневие. Претставата зборува за борба за власт, за злоупотреба на власта, а за сето тоа да биде возможно вметната е една цела приказна за сеопфатна машинерија на современото угнетување, за нешто што порано се викаше пропаганда, а сега политички маркетинг, значи еден севкупен систем со кој се контролира мислата на населението.“

Кардалевска дополнува дека тие, иако во приказната станува збор за група животни од една фарма кои решаваат да се ослободат од човекот-тиранин кој им носи само зло, сепак се инспирирале од човечки карактери за да ги создадат ликовите.

„Ние денеска живееме во време кога сме навистина презаситени од приказни на повеќе нивоа, дека живееме во приказни, а сепак сме гладни...така што од презаситеност во еден момент треба да се остави простор за вистината и т.н. Така што оваа наша приказна го демистифицира целиот тој процес на создавање приказни.“

Инаку, во претставата настапува речиси целиот ансамбл на Театарот за деца и младинци.

Владимир Лазовски го толкува ликот на Бенџамин (Магарето) - сведок на минатото кој поминал низ неколку системи и знае дека „секој следен нема да биде ништо подобар од претходниот и така со генерации и генерации“.

„Се надевам дека со пораката на Орвел и со нашата порака во оваа претстава ќе направиме помладите генерации да сфатат дека текот на историјата сепак може да се смени. Она што понатаму ќе се случува во политички рамки глобално во светот дека не треба да се повторува и дека животните ќе си завладеа со она што го проиведуваат. Да не завладее никој друг со продуктите од нашиот труд. Зборувам за „Животинска фарма“, а од друга страна мислам за нас луѓето.“

Покрај него играат Ненад Митевски, Мики Анчевски, Бојан Кирковски, Предраг Павловски, Изабела Новотни, Катарина Илиевска-Силјановска, Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Емра Куртишова, Марија Ѓорѓиевска и Мартин Јорданоски.

Сценограф е Никола Кунгуловски, костимограф Маја Димовска, а музиката е дело на еден од најзначајните бендови во историјата на македонскиот рокенрол воопшто – ангажираните и енергични „Бернајс пропаганда“.

Конечно, творците на овој уметнички чин велат дека нивното видување на Орвеловата „Животинска фарма“ им е наменето пред сè на адолесцентите, бидејќи сметаат дека тие воопшто и не се третираат од театрите во Македонија и дека овој театар ним и натаму треба широко да им ги чува отворени портите за да можат, колку и да боли, реално го видат светот во кој што живеат.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG