Достапни линкови

Седум децении Градска библиотека во Куманово


Градска Библиотека „Тане Георгиевски“ во Куманово.

Градска Библиотека „Тане Георгиевски“ во Куманово.

Од Читалиште со премногу скромен фонд од 1.300 книги донирани од граѓаните во тоа време, сегашната библиотека располага со над 200 илјади библиотечни единици.

„Книгата како вредност сама по себе и како израз на знаењето, е најмоќниот преносник на творечките вредности на човештвото. Библиотеките се непроценливи трезори во кои е складирана таа книжевна енергија, во која се одразува минатото,се презентира сегашноста и се најавува иднината“, меѓу другото забележува директорката Нада Ивановска по повод 70-от роденеден на кумановската Градска библиотека „Тане Георгиевски“.

Во изминатите седум децении, развојот од една обична библиотека во која се позајмувале книги прерасна во значајна културна институција со повеќе одделенија, читални, депоа.

Од Читалиште со премногу скромен фонд од илјада и 300 книги донирани од граѓаните во тоа време, сегашната библиотека располага со над 200 илјади библиотечни единици, во Возрасно одделение, Роднокрајниот и Одделот за деца, Подвижна библиотека...

„Темелите на современото библиотекарство се поставени во далечната 1945-та година од кога непрекинато започнува работата на библиотеката. Со еден скромен фонд од околу илјада и 300 книги, денес библиотеката прерасна во значаен трезор на интелектуална моќ и знаење. Во своите фондови чува над 200 илјади библиотечни единици, секаков вид литература, весници, списанија,периодика, цедеа, музички записи. Со растежот на градот расне и библиотеката. Во изминатите седум децении, развојот од една обична библиотека во која се позајмувале книги прерасна во значајна културна институција со повеќе одделенија, читални, депоа.“

Библиотеката не само што е извор на љубовта кон книгата преку изнајмување книги за читателите од сите возрасти и на повеќе јазици, таа е и организатор на разни манифестации поврзани со книгата, библиотекарството, збогатувани со присуство на познати македонски, но и странски писатели и поети. Затоа кумановската библиотека е добитник и на бројни општински и државни награди и признанија.

За тоа што за Куманово како град значи 70 годишнината од постоењето на библиотеката, некои од запрашаните граѓани велат дека таа е и образовна и културна институција во еден долг период.

„Значи еден период на културен развој на Куманово, на љубов и почит кон книгата, многу нешта што би се вклопиле во вкупниот амбинет на живеењето во градот.“

„Еден голем развиток на нашиот град, на децата, младината. Многу е унапредена и иновирана. Се посвети внимание на сите возрасти. Бројот на читателите се зголемува. Има книги од сите видови. Сите во нашиот град можат да поминат време барем во еден дел од библиотеката. Треба да се гордееме со библиотеката, треба да продолжиме да унапредуваме, кон подобра иднина. Треба и културата да се подобрува во нашиот град.“

А директорката Ивановска која со оваа институција раководи 26 години пред заминување во пензија не ја пропуштила можноста преку млади и стручни кадри да го трасира патот за уште многу успеси на библиотеката во иднина.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG