Достапни линкови

Косово поблиску до ЕУ


Европската унија се очекува идната недела да потпише спогодба со Косово со која се отвора патот за пристапување на оваа земја во Унијата. Ова го соопштија официјални претставници на Европската унија кои изразуваат надеж дека овој потег ќе помогне и во приближувањето на Србија кон Унијата.

Постојат и мислења дека ваквиот чекор би можело да предизвика загриженост кај некои членки на Европската унија кои исто така се соочуваат со внатрешни сепаратистички движења.

Шпанија, Кипар, Романија, Грција и Словачка го немаат признаено Косово од неговото отцепување од Србија во 2008 година. Сепак, тоа не ги спречи овие земји во минатото да дадат нивна авторизација за почеток на преговори со Косово, со цел да се спречат националистичките тензии на Балканот.

Косово ги заврши разговорите со Европската унија во јули минатата година околу Спогодбата за стабилизација и асоцијација, прв чекор на патот кон евентуално членство што носи и економска корист.

Потпишувањето на Спогодбата ќе ја зајакне европската перспектива на Косово и ќе помогне за внатрешно стабилизирање на земјата.

Оваа спогодба, како што е најавено во Брисел, наредната недела ќе ја потпишат шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и еврокомесарот задолжен за проширување на Унијата Јоханес Хан. Спогодбата ќе стапи во сила од идната година.

„Потпишувањето на Спогодбата ќе ја зајакне европската перспектива на Косово и ќе помогне за внатрешно стабилизирање на земјата“, изјави за новинската агенција Ројтерс, неименуван претставник во Брисел.

Ова доаѓа и покрај недоволниот прогрес во клучните политички сектори.

„Владеењето на правото на Косово, вклучувајќи ја и независноста на судството и лимитираните резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата, остануваат главни точки за загриженост“, оцени Европската комисија во минатогодишниот извештај за Косово.

Новиот потег доаѓа и во момент на тензии на косовската политичка сцена каде што опозицијата ја спречува работата на парламентот и бара повлекување на договорите склучени со Србија за поголеми овластувања на Србите во деловите на Косово каде што се мнозинство и со Црна Гора за демаркација на заедничката граница.

На минатите седници опозицијата активираше солзавец во парламентот и фрлаше јајца врз премиерот Иса Мустафа.

Владата ваквите провокации ги оцени како обид на опозицијата да дојде на власт на недемократски начин.

Во Приштина дојде и до протести откако беше приведен опозицискиот пратеник Албин Курти кој активирал солзавец во парламентот.

Новиот чекор на Косово кон Европската унија ќе предизвика загриженост и во Србија која се уште формално Косово го смета за дел од нејзината територија.

За смирување на српската загриженост, Брисел по се изгледа е подготвен за извесни отстапки на Белград.

„Уверен сум дека првите две поглавија во преговорите со Србија би можело да бидат отворени до крајот на годинава“, вели еден евродипломат за Ројтерс.

Покрај Србија, кандидати за влез во Унијата се и Македонија, Црна Гора, Албанија и Турција.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG