Достапни линкови

Нема договор за преодна влада


Нема договор за преодна влада и по денешната средба на работните групи кои работат на спроведување на договорите од Пржино. Претставниците на четирите партии потписнички откако до полноќ не постигнаа договор си заминаа дома, јавува 24Вести.

На полноќ истече рокот за избор на министрите кои требаше да ги предложи СДСМ за Министерството за внатрешни работи и за труд и социјала и нивните заменици во тие министерства од ВМРО-ДПМНЕ, како и за избор на заменици министри по предлог на опозицијата во министерствата за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација,

Од СДСМ претходно брифираа дека доколку до полноќ четирите политички партии не се договорат за изборот на новите министри и заменици министри, односно не се испочитува рокот предвиден во договорот од Пржино, тој ќе биде прекршен и понатаму сите опции се на маса. Тие не сакаат да откријат што би се случувало, но навестија дека ако не се договори законот за влада и не се изберат новите членови, тоа ќе значи дека ќе има видоизменета ситуација, а договорот би можело да падне во вода.

Пред средбата белгискиот експерт Питер Ван Хауте ги повика политичките партии да ги затворат отворените прашања и што побрзо да го достават изборниот законик до македонскиот Парламент. Ван Хауте кој е вклучен во преговорите порача и дека законот за „бомбите“ треба да биде според меѓународните и европските стандарди. Според него, како ќе изгледа законот допрва ќе се види и за тоа ќе одлучуваат работните групи.

XS
SM
MD
LG