Достапни линкови

Македонија троши по 1 милион евра месечно за мигрантската криза


Мигрантската криза претставува безбедносен и здравствен проблем за граѓаните во Македонија и затоа структурите задолжени за безбедноста во државата мора да посветуваат многу поголемо внимание.

Низ Македонија во изминатите два месеца поминале 250 илјади бегалци од Блискиот и средниот исток и Африка, а не се исклучува можноста дел од нив да останат во земјата, рекоа универзитетски професори и воено политички аналитичари кои во Охрид на панел дискусија пред студентите од Факултетот за туризам говореа за европската бегалска криза и можните последици по безбедноста на државата.

Меѓу овие бегалци кои се присилени да ги напуштат своите огништа поради виорот на војната во нивните земји можат да се поткраднат или да пројдат и непосакувани гости, жители кои доаѓаат со разни идеологии и кои имаат определени задачи за реализација.
Благоја Маркоски, претседател на Балканскиот форум за безбедност.

Меѓу другото беше речено дека Македонија троши околу еден милион евра месечно за да им помогне на бегалците и мигрантите, а за зајакнување на полициските сили се трошеле 800 илјади евра месечно.

„Меѓу овие бегалци кои се присилени да ги напуштат своите огништа поради виорот на војната во нивните земји можат да се поткраднат или да пројдат и непосакувани гости, жители кои доаѓаат со разни идеологии и кои имаат определени задачи за реализација на непријателски активности во земјите низ кои проаѓаат“, рече Благоја Маркоски, претседател на Балканскиот форум за безбедност.

Бегалската криза претставува безбедносен и здравствен проблем за граѓаните во Македонија и затоа структурите задолжени за безбедноста во државата мора да посветуваат многу поголемо внимание, вели Маркоски.

Генералот во пензија Илија Николоски вели дека загрижува фактот што Македонија, покрај со бегалска криза, се соочува и со друга безбедносна криза, а тоа е политичката и институционалната.

„Самата политичка ситуација и однесувањето на актуелното политичко раководство во Македонија и јас сум загрижен за безбедносната ситуација во Македонија. И ако на тоа додадеме сè што се случува во одбранбено безбедносниот сектор во Македонија, сето тоа ја чини Македонија од безбедносен аспект многу кревка“, рече Николоски.

Јове Кекеновски, универзитетски професор, прашува која е поопасна - политичката или бегалската криза.

„Сите имаат свои негативни импликации кои долгорочно можат да делуваат на опстанокот на Македонија. Ако ја следиме политичката ситуација ќе видиме дека ние се доведуваме во состојба поради спас на сопствената кожа дел од политичарите да го проблематизираат суверенитетот, интегритетот, па дури и унитарниот карактер на државата. Бегалската криза е еден дамоклов меч постојано виси над главите на граѓаните на Македонија. Најголемиот проблем е по однос на безбедноста на државата, но не треба да ги заборавиме и оние политички и верски импликации кои постојано се присутни со самиот почеток на кризата. Знаеме дека бранот бегалци предизвика страв кај голем број граѓани по однос на мирот, по однос безбедноста и ги поларизира односите помеѓу луѓето кои се понационалистички определени и оние кои се похуманитарни“, рече Кекеновски.

Бегалската криза е добро осмислено сценарио, според некои индикации, како што вели, на Германија за да ги задоволи потребите од работна сила или пак на Израел за остварување на вековната идеја за создавање голем Израел.

XS
SM
MD
LG