Достапни линкови

Македонска премиера на Незрели цреши на Небојша Јовановиќ


Незрели цреши, филм.

Незрели цреши, филм.

По успешните претставувања на фестивалите во Гренобл, Франција и во Драма, соседна Грција, „Незрели цреши“ - краткиот филм на режисерот и сценарист Небојша Јовановиќ, утре вечер, во 20 часот, во Младинскиот културен центар ќе ја има и својата македонска премиера. Во него, по цела една декада отсуство од големото платно, се појавува доајенот Коле Ангеловски. Филмот е сниман минатото лето во воз кој сообраќа на линија Скопје – Кичево, а донесува една поинаква приказна за конфликтот во 2001 година, за војната, за луѓето, за предрасудите, за потребата од одмазда, но и за потребата да се прости.

Младиот сценарист и режисер Небојша Јовановиќ во патничкиот вагон од возот меѓу Скопје и Куманово успева да смести еден мал микрокосмос на човечки судбини. На карактери, на животи предодредени од местото и заедницата на живеење. Предодредени од испреплетеноста која го исправа човекот пред многу прашалници. Дали има сила да го препознае и да верува во оној до себе, дали умее да се види себеси пред да го осуди другиот и конечно дали умее искрено да љуби.

Нашите колективни емоции се на некој начин затруени со многу предрасуди, поврзани со болните искуства од конфликтот во 2001 и сметам дека овој филм треба да има некаква цел, а тоа е да придонесе, онолку колку што може еден ваков уметнички чин, во избиструвањето на свеста на луѓето и да се даде некаква позитивна нота во нашите взаемни меѓунационални и меѓурелигиски односи.

Од таму, во краткиот „Незрели цреши“ тој, во нешто повеќе од 16 минути, донесува една поинаква сторија за конфликтот, за војната, за луѓето и за предрасудите. Во неа се говори на три јазици и присутни се луѓе од различна национална и религиска припадност. Авторот, посегајќи по животните вистини, поставува исклучително важни прашања за тоа колку навистина луѓето се подготвени за взаемна комуникација, за разбирање и најпосле за простување.

Говорејќи за идејата за снимање на филмот, Јовановиќ вели дека таа потекнува од болните искуства од конфликтот во Македонија во 2001 година, од искуствата кои сите нас сè уште нè допираат и од поделбите меѓу луѓето, посебно во едно вакво мултиетничко општество во какво што ние живееме. Дополнува дека време на делби може да биде секое, но дека во овој момент во кој ние битисаме, тие поделби се злоупотребуваат за различни цели.

„Нашите колективни емоции се на некој начин затруени со многу предрасуди, поврзани со болните искуства од конфликтот во 2001 и сметам дека овој филм треба да има некаква цел, а тоа е да придонесе, онолку колку што може еден ваков уметнички чин, во избиструвањето на свеста на луѓето и да се даде некаква позитивна нота во нашите взаемни меѓунационални и меѓурелигиски односи. Исто така, втората димензија којашто е дел од филмот, е да се проговори за самиот процес на простување за којшто е малку неблагодарно јас да судам велејќи дека не е отпочнат, дека не сме си простиле, но сметам дека тоа се потиснува, дека не постои комуникација помеѓу овие средини и затоа би сакал „Незрели цреши“ да поттикне еден поинаков, понормален процес на разбирање“, вели Јовановиќ.

Во филмот играат доајенот на македонското глумиште Коле Ангеловски, кој по пауза од деценија и половина наново му се враќа на големото платно, Душица Стојановска, Ѓорѓи Тодоровски, Александар Микиќ, Маја Вељковиќ, Фисник Зекири, Изабела Новотни, младата Елизабета Стефановска и Селпин Керим.

„Една мала држава. Еден мал патнички воз. Скромен. Во едно мало купе се сретнуваат неколку луѓе со различни карактери, со различни начини на живот. Од различна вероисповед, но исти. Тие личат еден на друг. Со навиките, со духот, со срцето. Со една иста желба. Со желба за мир и спокојство. Во една приказна и со верба дека кога би се почитувале различностите сигурно ќе може поубаво да се живее и да се патува во едно такво мало купе. Дури и многу подалеку од кај што сме сега. Јас сум пресреќен што работев со оваа екипа. Среќен сум што сите до еден сме големи креативци, моќни во својата душа и вистински професионалци“, ќе рече Керим.

„Незрели цреши“ е сниман во независна продукција во јуни минатата година во воз кој сообраќа на релација Скопје – Кичево. Зад него стои продуцентската куќа „Филмтрик“, а копродуценти се ФХ3Х, „Квазар“ и МРТВ. Директор на фотографија е Кирил Шентевски, а музиката е на Дарко Спасовски.

Филмот светската премиера ја имаше летово во Гренобл, во Франција, а потем со успех беше прикажан и на Интернационалниот фестивал на краток филм во Драма, соседна Грција, каде патем Јовановиќ учествуваше и на пичинг-форумот со сценариото за своето ново остварување „Кукавици“.

По Скопје, во ноември делото ќе биде прикажано и во Куманово, а потем ќе патува на фестивалите во Турција, САД, Канада и во Босна и Херцеговина.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG