Достапни линкови

logo-print

Село Косово повторно доби училиште


По 25 години деновиве повторно почна со работа подрачното училиште Свети Климент Охридски во село Косово во Општина Македонски Брод.

Седумдесетина жители на село Косово во Општина Македонски Брод се радуваат затоа што по 25 години години, деновиве повторно почна со работа подрачното училиште `Свети Климент Охридски`.

Имам три деца, две девојчиња и еден син, сите сакам да учат овде, не во Самоков, зашто Самоков е многу далеку, во зима има снег во висина од еден метар, а децата не знаат каде одат, а одат пеш.

„Претходно немаше ни врати, ни прозорци, сето беше оштетено и внатре, покривот не му чинеше, течеше при дожд, а сега годинава ќе учат тука“, вели Горан Ангелкоски, жител на селото.

Родителите се презадоволни, бидејќи нивните деца сега нема на дожд и во зима да патуваат до Самоков, туку ќе останат да учат тука во селото.

„Имам три деца, две девојчиња и еден син, сите сакам да учат овде, не во Самоков, зашто Самоков е многу далеку, во зима има снег во висина од еден метар, а децата не знаат каде одат, а одат пеш“, вели Мимоза Мицкоска, една од младите мајки, коишто дошле од Албанија и овде формирале семејство.

Во село Косово има многу семејства, чии домаќинки се од Албанија. Па, жителите се надеваат дека отворањето на ова училиште ќе го поттикне и наталитетот.

„Ќе придонесе за зголемување на наталитетот, на селото. Младите брачни парови сега одат на трето дете. Нови брачни парови сега се шест, од Албанија се четири, две од Свети Николе и уште еден брачен пар пред една-недела-две е од Албанија женет, тие уште немаат деца, но со ова ќе се зголемува бројот, деца ќе бидат повеќе“, вели Цветислав Стојкоски, жител на село Косово.

Во моментов во училиштето учат четири, а в година се очекуваат двојно повеќе ученици.

„Во ова училиште на почеток ќе има четири ученици, а следната година се зголемува и секоја наредна година од евиденција што ја имаме, ќе се зголемува бројот на ученици. И се надеваме младите луѓе во село Косово ќе останат и натаму да живеат овде“, вели Тони Ставрески, директор на општинското основно училиште `Свети Климент Охридски“ од Македонски Брод.

Општина Македонски Брод вложува напори, не само во селото Косово, туку оптимални услови за настава да создаде во сите населени места каде што има училишта.

„Локалната самоуправа издвојува средства во текот на секоја година по повеќе од 2 милиона денари за одржување и обнова на училиштата. И можам да кажам дека нашите училишта во Општина Македонски Брод се едни од најдобрите и најзачувани во Република Македонија“, истакнува градоначалникот Милосим Војнески.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG